Завршена обдукцијата на родилката што почина, детали не се соопштуваат

20 February, 2016 - 15:56

Завршена е обдукцијата врз телотот на 21 годишната родилка Симона Блажеска, која вчера почина по породувањето во прилепската болница, но резултатите се уште не се соопштуваат. Извори од истрагата велат дека банални се  причините  за смртта на младата мајка. Од  Државниот здравствен  инспекторат потврдуваат дека добиле налог да спроведат контрола во болницата во Прилеп, а извештај ќе подготват следната недела.  Од лекарската комора  велат, доколку има потреба,  ќе реагираат откако ќе заврши истрагата.  Се  огласија од  невладината   РОМА СОС од Прилеп, од каде  бараат надлежните   да ги утврдат причините за смртта и да се побара одговорност доколку станува збор за лекарска грешка, посебно заради фактот што во прилепската болница   и претходно починале неколку родилки. 

Во 2010 година три родилки за период од три месеци починаа од сепса. Сите обвинети лекари завршиле со ослободителна пресуда, условна или парична казна, а на ниту еден лекар не му е одземена лиценцата или работното место. Во меѓувреме починаа и неколку новороденчиња под сомнителни околности. “Грешките” – се случуваат  и ќе се случуваат  со оглед на тоа што здравствениот систем ни нуди здравствена заштита и услови каде смртните случаи настануваат од непознати причини и околности, пишува  во рекацијата од НВО „РОМА С.О.С.“-ПРИЛЕП

По смртта на родилките во 2010 година, родилиштето во Прилеп беше затворено, а породувањата се вршеа во битолската болница. Вчерашниот случај  уште еднаш го отвори прашањето за состојбите во македонското  здрвство. Лоши услови во родилиштата, недостиг на инструменти  и лекови,  но и  недостиг  на  специјалистички кадар , се најголемите  проблеми со кои се соочуваат  државните болници. Во прилепската болница има тројца гинеколози, а недостигот го надополнуваат 7 специјалисти од болницата во Битола.   Некои од лекарите   работат и по 72 часа без прекин. На ова неодмана предупреди и битолскиот гинеколог Гоце Чакровски кој  во изјава за КОД , апелираше здравствените власти да се зафатат со решавање на овој сериозен проблем.

-Јас веќе 6 години патувам на релација Прилеп-Битола, а секој од нас месечно има по 350 работни часа, неиздржливо е, старосната граница на сите ни е над 55 години. Напорно е, но не гледам некое решение да нудат властите, односно Министерството за здравство, иако одамна е сигнализирано, изјави  д-р  Гоце Чакаровски ГИНЕКОЛОГ за КОД.

Симона Блажевска, почина вчера 12 часа  откако роди здраво машко дете. Неколку часа по породувањето состојбата и се влошила. Интервенирал тим од 7 лекари,  а ноќта околу 23 часот била извршена и операција, но 2 часа по полноќ младата мајка починала по обилно крварење.   Семејството вчера најави дека ќе бара одговорност од лекарите во прилепската болница за смртта на  Блажеска,  на која ова и беше второ породување.

Емилија Мисирлиевски

Веста е прочитана 410 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.