Засилени контроли против дивите трки по булеварите во Скопје

16 July, 2017 - 16:47

Секторот за внатрешни работи Скопје започна со реализација на посебниот план за зголемување на безбедноста во сообраќајот на подрачјето на главниот град, преку засилени и интензивни сообраќајни контроли, со посебен фокус кон помладите категории возачи, како и возачите на моторцикли, соопшти денеска МВР.

Началникот на Одделението за превенција при СВР Скопје, Билјана Милевска на вчерашната промоција на новите оперативни мерки во областа на сообраќајот истакна дека на подрачјето на СВР Скопје во последниот период стана се позабележителна појавата на поголем број на возачи на моторцикли, кои се движат со голема брзина и при тоа создаваат голема бучава, со што го нарушуваат јавниот ред и мир и спокојството на граѓаните, но и прописите од областа на сообраќајот.

Оваа појава на брзо возење и несовесно однесување на возачи на моторцикли, како што е наведено во соопштението, е особено присутна во вечерните часови и во деновите од викендите, а таквото поведение директно ја загрозува безбедноста на сите учесници во сообраќајот и доведува до зголемување на бројот на прекршоци по разни основи.

СВР Скопје, како што е посочено, е решен да ја елиминира појавата на таканаречени „диви трки“ на моторни возила во кои несовесните возачи ја загрозуваат личната но и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.

Веста е прочитана 1324 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.