Започнува пописот на делата од НГМ во депо на бивша Комерцијална банка

29 July, 2017 - 15:59

Законот за култура и Законот за музеи не обврзуваат да работиме според строги критериуми. Тоа значи дека не само ние, туку и институциите на кои им позајмуваме дела треба да водат соодветна грижа за нив и да не информираат и повикаат за било какви промени. Вака директорката на Националната галерија на Македонија, ја коментира информацијата до која неофицијално дојде Телма, дека дел од сликите позајмени на Владата, Службата за општи и заеднички работи ги преместила во едно од своите депоа, во зградата на поранешна Комерцијална банка во Центар, без да постигне  договор со Галеријата.

-Мора да биде информирана институцијата точно, не само за преместување од објект во објект, туку и во која канцеларија се делата. Мора ние да имаме евиденција за да се грижиме за културното наследство, смета директорката Старова – Керими.

Доколку на терен утврдиме дека делата навистина се пренесени без наше знаење, а секогаш постои опасност од оштетување, тоа ќе значи дека во Македонија нема професионална и системска подршка за културното наследство, додава директорката Старова - Керими.

Телма се обиде да добие одговор од директорот на СОЗР при Владата, Пеце Мирчевски, но на нашите телефонски повици никој не одговори. Пописот што ќе го спроведе комисија од НГМ, ќе биде прв по 10 години, зашто на барањата на Галеријата да направи увид на позајмените 26 дела на владата, претходната власт воопшто не одговараше. Новиот состав на СОЗР сам направи увид и констатира дека недостасува слика од Петар Мазев. За ова и за дело од Владимир Величковски, кое исчезнало од Министерството за одбрана, а исто така е во сопственост на НГМ, Основното јавно обвинителство веќе поведе предистражна постапка.

Сотир Ивановски

Веста е прочитана 1212 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.