Заев оптимист дека ќе се договорат со ДУИ за влада

17 February, 2017 - 15:54

Работната група на СДСМ ги разгледува забелешките на нацрт законот за употреба на јазиците што доцна синоќа им ги достави ДУИ.Лидерот на партијата Зоран Заев е оптимист дека двете партии ќе најдат решение и ќе се стави крај на политичката криза. Сдсм не сака да губи време, приоритет е час поскоро да се формира Влада , рече Заев.   

-За нас е прифатливо се што е во рамките на Уставот и потребите на граѓаните Албанци или од било која малцинска заедница. Предлогот да е уставно издржлив и уставно издржан и да ги одразува практичните потреби на граѓаните. Со вака широко доставени рамки не знаеме кога ќе донесеме одлука. Како што реков предлогот стигна доцна синоќа и го разгледуваме.

Заев очекува да се забрзаат разговорите меѓу политичките субјекти зошто во спротивно може да се пробијат роковите за локалните избори.

- Правниците повеќе се упатени, но мислам дека од 70 до 90 дена е рокот за распишување на локални избори. Крајот на февруари или почетокот на март тие веќе треба да се распишат за да се одржат околу 7 или 14 мај. Оттука формирањето на влада е потребно што побрзо.

ДУИ ќе свика седница на Централното претседателство веднаш штом ќе го добие одговорот од СДСМ. Можно е тоа да се случи викендов. Нацрт законот не прејудицира никаква федерализација туку уредување на прашањето за Албанскиот јазик, неговиот статус, спроведување и усогласување со Уставот, велат од Дуи.Според  Потпретседателката на партијата Теута Арифи  разговорите меѓу двете партии се водат во конструктивна атмосфера имајќи ги придвед врвните приоритети во државата.

- Немаме никакви разлики со Сдсм во однос на Евроатланските интеграции,реформите од Извештајот на Прибе,правосудството, дискутираме само за прашањето за јазична употреба.

Алијансата на Албанците попладнево ќе одржи седница на Централното претседателство на која ќе се произјаснат за пакетот што го нуди СДСМ.Беса ќе ги даде потребните потписи за мандат без оглед дали ќе бидат или не дел од идната Влада. Но како услов го наведуваат   исполнувањето на барањата од Платформата на партиите на Албанците. 

 

Јулијана Пешевска

 

 

 

Веста е прочитана 5290 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.