Забараната за движење во шуми е во корист само на потпалувачите

13 August, 2017 - 17:58

Целосната забрана за движење во шумите до 15 август, што поради зголемената опасност од појава на шумски пожари ја воведе Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, е непродуктивна и апсурдна сметаат туристичките работници и љубителите на природата. Според нив единствено корист од ваквата ригорозна мерка имаат само потпалуивачите на пожари кои сега непречено ги пустошат природните вредности.

 „Планинарите, велосипедистите на планина, параглајдетистите, луѓето кои ја сакаат природата и одат таму од љубов, не се тие кои предизвикуваат пожари, напротив тие се фактор кој не им дава слобода на потпалувачите и се први кои пријавиуваат пожари и можат да ги идентификуваат потпалувачите и да помогнат да се докажат нивните злодела“, изјави Антонио Додевски  - инструктор за водичи на планина

 Забраната за движење на отворено предизвикува големи штети на туризмот, предупредува Додевски. Тој посочува дека изминатите 5-6 години поединци и агенции вложуваат големи средства за развој на алтернативниот туризам, а забраната воведена од страна на државата директно ја загрозува нивната егзистенција.

 „Имам блиски луѓе кои имаат агенции кои исклучиво работат алтернативен туризам со склучени аранжмани уште од минатата година. Вие не можете туку така да воведете забрана. Луѓето платиле авионски билети, доаѓаат од секаде во светот, со себе носат и скапа опрема и вие сега им велите не може да се движите во природа, тоа е апсурд невиден“ вели Додевски.

 Според Додевски целосната забрана за движење во шумите значи целосна немоќ на системот, кој наместо да ги одвраќа љубителите на природата од планините треба да ги стави во функција на превенција и заштита, затоа што тие се први кои можат да алармираат на евентуална појава на пожари и да помогнат во нивното гаснење.

 

Веста е прочитана 3559 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.