За владата средбите во Тирана и Приштина се мешање во внатрешните работи на Македонија

10 January, 2017 - 20:42

Откако пред повеќе од три недели партиите на Албанците во Македонија се среќаваа со премиерите на Албанија и Косово и ја објавија платформата за преговарање, владата излезе со реакција. Министерот за надворешни работи дури вечерва одговори на прашањата на новинарите кои му беа поставувани. Во писмената реакција министерот Попоски оценува дека не е пристојно, ниту соодветно кога Премиер или Претседател од соседна земја директно се меша во внатрешните работи.

Особено не во период по демократски спроведени избори и пред формирање на влада. Се испраќаат погрешни сигнали во регионот. Секако дека е опасен овој пристап во место со мултикултурна традиција. Многу е далеку од практиката на добрососедство.

Доколку сите сме согласни дека иднината ни е во Европа, тогаш борбата е да обезбедиме стабилност, мир, правда и економски просперитет за сите граѓани. Секогаш сме биле крајно коректни во соработката со соседите. Најдобро ќе биде и тие да ни се придружат по тој пат, наместо да се поставуваат мини кои носат ризик за сите, одговори Никола Попоски во однос на средбите во Тирана и Приштина.

Веста е прочитана 2570 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.