За прв пат со џез музика отворено „ Охридско лето“

13 July, 2017 - 10:47

Пред бројна публика, сношти на Античкиот театар во Охрид, свечено беше отворено 57. „Охридско лето“, најпрестижната летна културна манифестација кај нас.

Фестивалот, кој традиционално се одржува под покровителство на претседателот на Република Македонија, со пригоден говор го отвори Ѓорѓe Иванов. Тој го нагласи го нагласи фактот што фестивалот за првпат се отвора со џез изведба.

„Нема подобар начин фестивалот ‘Охридско лето’ да го започнеме со џез, чие второ име е слобода“, рече тој.

Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, најави дека во периодот што доаѓа „Охридско лето“ ќе понуди нова визија за новите времиња.

„По повеќе од половина век изградба на ‘Охридско лето’, манифестацијата стои исправена пред предизвиците на новото време, новите културни наративи, новите технологии, уметничките изрази и новата публика“, потенцираше  Алаѓозовски.

Актерот Мето Јовановски, говорејќи од име на уметниците, ја испрати традиционалната порака од фестивалот.

„Нека овој сценски простор биде духовен светилник од кој зрачи со убавото, нека бидат благословени сите кои ќе настапат во овој свет храм над кој што бдее Св. Климент Охридски“, додаде тој.

По церемонијалот на отворањето, на првата фестивалска вечер настапија членовите на атрактивниот американски состав – светски реномираниот смут џез-квартет„Форплеј” во придружба на оркестарот на Македонската филхармонија и диригентот Емин Џијан.

Веста е прочитана 631 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.