Вработените во ФЕНИ ги интензивираат протестите

5 December, 2017 - 16:11

Трпението на работниците во Фени е при крај. Загрижени за својата и егзистенцијата на своите семејства, и денеска 3 часа го блокираа патот Прилеп - Градско во обид да си ги добијат ветените а неисплатени плати за октомври и ноември.

„Нека дојде да каже некој, кој ја зел фабриката, сите се кријат, ми се заканува ако излезеш нема да се вратиш“, обвинија денеска тие.

Не гледаат излез од кризата во која со месеци е комбинатот, ниту пак исполнување на ветувањата кои им беа давани во очи на стечајот.

„Ова се вработените што не отстапуваат се дури не им се исполнат барањата, бараме плата и работа, банките добро да размислат, да го решат проблемот и да не не блокираат, сакаме да работиме“, изјави Ѓоре Палитов од синдикатот на ФЕНИ.

На протетсот излегоа и транспортерите кои превезуваат стока за Фени. Се жалат дека пари не зеле од март, сметките им се блокирани а банките веќе им ги активирале хипотеките. Побараа во решавање на проблемот да се вклучи и вицепремиерот Анѓушев.

„И ние ќе останеме на протести додека не се решат проблемите. На сите нам ни должат вкупно околу четири милиони евра“, вели Трајче Пејовски претседател на здружението на транспортери.

На протестите кај Дреново дојде и синдикатот на СИЕР. Стравуваат дека работниците нема да ги добијат сите заостанати плати туку само ноемвриската а тоа ќе отвори нов проблем, овој пат со здравственото осигурување.

„Решение ќе има ама не како што бараат работниците, пред стечајот едно се ветуваше сега се отстапува од тоа. Слушнавме дека ноемвриска ќе ја дале а октомвриската во стечајна маса, кој ќе има здравствено ако тоа се прекине“, праша Пеце Ристевски од синдикатот на СИЕР.

Кавадаречкиот комбинат отиде во стечај  пред една недела, доверителите и Владата рекоа дека ФЕНИ брзо ќе се рестартира а работниците ќе бидат исплатени. Банките очекуваат до утре некој од потенцијалните инвеститори да го потпише меморандумот за разбирање и да ги прифати предлог условите од него, но за детали од тој процес ќе мора да се чека утрешниот ден.

Виолета З. Стојановска

Веста е прочитана 1708 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.