Вонредна состојба во Мексико по катастрофалниот земјотрес

20 September, 2017 - 17:11

 

Прогласена е вонредна состојба во Мексико по вчерашниот катастрофален земјотрес , со јачина од 7, 1 степен според Рихтеровата скала. Иако бројките на загинати и повредени кои ги објавуваат светските агенции, постојано се менуваат, за сега е извесно дека над 200 луѓе загинале.

Најголемиот број, 55 се од мексиканската држава Морелос. Во државата Пуебло, каде беше епицентарот на земјотресот, загинале 32-ца, а во државата Мексико, 10 мина граѓани. Според градоначалникот на Мексико Сити, во главниот град се урнале најмалку 44 згради, цели стамбени блокови, фабрики и маркети. За сега нема струја, телефонските врски се во прекин, а не функционира ни аеродромот. Граѓаните сами се организираат, давајќи им вода на повредените и помагајќи им на спасувачите во вадењето на затрупаните.  Бројот на жртвите во престолнината  е  117. Меѓу нив се и 25 луѓе од едно средно училиште, меѓу кои 22 се деца.

-         Беше хаос. Пристигнав веднаш по земјотресот .Моите деца одат на училиште во следната улица и кога го видов училиштето испаничив и трчав, трчав кон децата. Го поминав целото попладне овде, гледајќи како ги спасуваат луѓето, вели жителка на Мексико Сити.

Претседателот на Мексико, Енрике Пења Нијето изјави дека верува дека под урнатините се наоѓаат уште 30 деца и 12 возрасни.

-         Сега е приоритет да продолжи спасувањето на оние кои сеуште се заробени и да се обезбеди медицинска помош за повредените, изјави претседателот на државата Енрике Пења Нијето.

Под урнатините на Мексико Сити се извадени 50 до 60 луѓе, а 70 –тина повредени веќе се хоспитализирани. Властите продолжуваат да трагаат , барајќи преживеани.

На ист ден пред 32 години катастрофален земјотрес го погоди Мексико, при што загинаа 10.000 луѓе.

Претходно, овој месец државата беше погодена од земјотрес од 8, 1 рихтерови степени. Тогаш настрадаа 90 луѓе. 

 

 Сотир Трајков

Веста е прочитана 678 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.