ВМРО ДПМНЕ поднесе интерпелација и за министерот Алаѓозовски

12 August, 2017 - 18:07

 „Со доаѓањето на Роберт Алаѓозовски за министер, културата гоо допре дното за  70-тина дена“, рекоа од ВМРО ДПМНЕ и поднесоа интерпелација за неговата работа. Опозицијата смета дека Алаѓозовски незаконски разрешувал професионалци, вдомувал партиски послушници, ангажирал советници кои уништувале и сквернавеле споменици во рамки на Шарената револуција, спроведувал самоволие, го укинал Законот за национален уметник, внесувал селекција и дискриминација меѓу уметниците. Со скратувањето на буџетот за култура за 4 и пол милиони евра, пропаѓаат проектите од археологијата, од филмската уметност, а нема да има пари ниту за Универзална сала, за Охридскиот и за Струмичкиот театар, велат од ВМРО ДПМНЕ.

 „ВМРО ДПМНЕ не се грижи ниту за културата ниту за граѓаните, туку единствено за сокривање на деценискиот криминал што го правеше раководството на партијата, особено со проектот Скопје 2014-та“, велат од СДСМ.

„ВМРО ДПМНЕ 11 години ја партизираше културата и потроши над 600 милиони евра народни пари за сомнителни тендери за проектот Скопје 2014-та, додека вистинското културно наследство беше намерно оставено да скапува и да се распаѓа. Наместо криминалниот и злосторнички пристап кон културата што ВМРО ДПМНЕ го практикуваше со години, министерот за култура и министерството воведуваат нови, ефикасни и инклузивни политики и проекти што носат напредок и заштита на културната дејност“.

Ова е шеста интерпелација во последните денови. ВМРО ДПМНЕ веќе побара одговорност од министрите Љупчо Николовски, Мила Царовска, Драган Тевдовски, Никола Димитров и Садула Дураку. Според СДСМ, со ваквите неосновани, неиздржани и апсурдни интерпелации, опозицијата очајнички се обидува да ги закочи реформите и проектите за кои гласаше мнозинствто граѓани.

 

Соња Николовска

 

Веста е прочитана 3854 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.