ВМРО-ДПМНЕ го стави седиштето под хипотека

16 February, 2017 - 15:53

Палатата „Христо Татарчев“ е дадена под хипотека. Договорот за залог го склучиле сопственикот на недвижниот имот, партијата ВМРО-ДПМНЕ и доверителот Комерцијална банка, како обезбедување за парично побарување од 3 милиони евра само 4 дена пред декемвриските избори. За истиот рамковен револвинг кредит, заложена е и опрема, како што стои во објавата во „Службен весник“.

Кредитот е за „тековни трошоци“, велат од партијата, но не прецизираат дали веќе е подигната целата сума, дали е користена за изборни цели или ќе се користи можноста за повеќекратно подигање на помали износи. Не се кажува ниту каква нужда имаше од кредит, ако се има предвид дека е партија чиј имот се проценува на 60-тина милиони евра. Поради тоа, неколку интернет медиуми, меѓу кои „Призма“, чии истражувачи први дојдоа до оваа информација, пред неколку месеци ја прогласија ВМРО-ДПМНЕ за најбогата партија во Европа.

Финансиските експерти и антикорупционери сметаат дека нема ништо спорно што некој субјект, макар била и партија, става под хипотека сопствен имот. Но во 2011, кога СДСМ зеде ист таков кредит во износ од 1,6 милиони евра кај истата банка и исто така го стави во залог партиското седиште, Антикорупциската комисија тврдеше дека Изборниот законик не предвидува финансирање изборна кампања со кредит. Сега, СДСМ не очекува никаква реакција од Анти-корупциската комисија бидејќи е целосно партизирана.

ВМРО-ДПМНЕ располага со четири илјади квадратни метри во зградата на плоштадот „ВМРО“, што има осум ката, приземје, поткровје и тераса. Ја изгради „Бетон“ во периодот 2013-2015, на земјиште што партијата веќе го  поседуваше зашто на него беше и старото седиште, скромната „жолта куќа“, а дел го купи во 2009 со непосредна спогодба со Министерството за транспорт на чие чело беше Миле Јанакиевски за цена од само 110 евра по квадрат. Дозволата за градба ја издаде тогашниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ. Не се знае точно пазарната вредност на Палатата „Христо Татарчев“, но се проценува дека со луксузниот ентериер веројатно вреди повеќе милиони евра.

Соња Николовска

Веста е прочитана 3473 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.