Владата во заминување потпиша договор за Клинички центар

19 May, 2017 - 15:59

Едвај четири минути и беа потребни на Владата во заминување да го потпише договорот со кој треба да започне изградбата на новиот Клинички Центар „Мајка Тереза“. По видео презентација за тоа како се замислува новиот објект, пропратена со музиката од „Убавиот син Дунав“ на Штраус, единствен кој зборуваше за големината и важноста на проектот беше министерот во оставка Никола Тодоров.

Иако со месеци е само претседател на политичка партија, потпишувањето на договорот во зградата на Владата, од првиот ред го следеше Никола Груевски и техничкиот премиер Емил Димитриев. За Тодоров не е спорно што договорот се потпишува во тек на преговори за нова Влада па оттаму и нејасно е во кое својство тој го стави својот потпис на документот.

Од новинарите побегна и потписникот од италијанската фирма „Инсо системи“ кој заедно со „Бетон“ и „Гранит“ треба да ги извршат градежните работи. СДСМ потсети дека Тодоров и ВМРО-ДПМНЕ ветија нов Клинички центар уште во 2012, кој требаше да биде готов во јануари годинава, но наместо тоа има само тараби и дупки. Нов Клинички центар ќе изгради новата Влада велат од таму.

Новиот Клинички центар „Мајка Тереза“ кој треба да чини 72 милиони евра, го следеа низа контроверзи уште од самиот почеток. Поранешни министри за здравство и директори на Клинички центар апелираа проектот да сопре додека со земјата раководи Влада со сомнителен кредибилитет и дека без јасни проценки проектот може да ја доживее судбината на Клиниката за гинекологија. Вредноста на проектот неколку пати се пробиваше, спорна беше локацијата на комплексот, а фирмата што е дел од конзорциум што го доби тендерот, според дел од медиумите има негативен бонитет што е спротивно на тендерските услови.

Виолета З. Стојановска

Веста е прочитана 2275 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.