Владата ќе враќа долгови со пари од проекти што не може да ги заврши

18 November, 2017 - 15:36

Владата ќе враќа долгови со пренамена на пари од проекти што не може да ги заврши. Една милијарда и 650 милиони денари од буџетот ќе бидат пренаменети за да се исплатат долговите за изградбата на Македонската филхармонија, за албанскиот театар во Скопје, за театарот и библиотеката во Тетово, објектот на Факултетот за драмски уметности, за опрема за МВР, како и за преводи на книги и бесплатни учебници.

Одлуката е донесена доцна синоќа, а денеска беше одобрена и од мнозинството во Собранието. Опозицијата се воздржа од гласање. Министерот за финансии пред пратениците рече дека, ако овие долгови не се исплатат, ќе се плаќаат милионски камати. Пари се земаат од тие наменети за привремени вработувања, за минимална плата, за невладини организации, за реконструкција на згради на владини органи, за министерствата за одбрана, правда, надворешни работи и животна средина, како и од тие за изградба на основни училишта, за спортски сали и за студентски домови.

Тевдовски потсети дека ова не е преседан, во 2007-та година, покрај два ребаланси, е правена и слична пренамена. Опозицијата реагираше, зошто кога за овие долгови се знаело и при ребалансот на буџетот, не ги вметнале во него?. Одлуката, велат, ги покажува слабостите на владата при планирање и реализација на средствата.

Кузмановска повторно побара објаснување од министерот, каде се 83 милиони евра кои останаа откако владата се задолжи со 439 милиони евра, а се раздолжи со 356 милиони. Објаснување немаше ни сега.

Владејачкото мнозинство оваа прераспределба ја оцени како добра и практична.

Со предлог-буџетот за идната година, кој е најголем досега и тежи 3,4 милијарди евра, предвидено е повеќе пари во споредба со минатата година да добијат Претседателот на државата, Собранието и Владата. Од министерствата, повеќе пари ќе имаат Одбрана, Финансии, Економија, Животна средина, Транспорт и врски, Образование, Здравство, Внатрешни работи и Информатичко општество и администрација.

Помалку пари ќе имаат Министерствата за култура и за локална самоуправа. Предлог-буџетот е усвоен од владата и е доставен во Собранието, а расправата за него се очекува да почне кон крајот на месецов.

Далиборка Демјанска

Веста е прочитана 4468 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.