Влада: Нови случаи за злоупотреби од претходната власт - Александар Никовски по разни основи добил 217.000 евра

13 October, 2017 - 12:05

Владата денеска обелодени три случаи за набавки, тендери и договори склучени од страна на минатата власт за која постојат основни индиции дека со нив е направена штета на Буџетот на Република Македонија.

Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски на прес-конференција истакна дека е побарана истрага од Министерството за внатрешни работи, како и започнување на постапка пред државното правобранителство.

Првиот случај се однесува за набавка на авиобилети од страна на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) во периодот од 2014 до 2017 година. Утврдено е дека одговорните лица во СОЗР по објавениот тендер за набавка на авиобилети доставувале барање  за понуди само до еден оператор, а не до сите како што биле обврзани со рамковните договори. Во овој случај Владата бара од МВР да спроведе истрага.

Вториот случај се однесува на сомнителни набавки во Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор од страна на фирмата „Атриум“ од Вевчани. Во овој случај постојат индиции дека се користени дампинг цени за стоки и услуги за кои реално се знаело дека нема да бидат набавувани со цел оваа компанија да биде најдобро рангирана во тендерската постапка. Владата бара од МВР да истражи како фирмата „Атриум“ да знаела точно кои производи и услуги ќе се набавуваат однапред.

Третиот случај се однесува на договорите за ангажирање на Александар Никовски, Џорџ Р. Пери и Јехшуа Шуки Глајтман за надворешни соработници на поранешниот премиер Никола Груевски. Потписник на овие договори е тогашниот шеф на канцеларијата на Груевски, Мартин Протуѓер. Постојат индиции дека потписот на Протуѓер е во спротивност со членот 6 од Одлуката за формирање на канцеларија на претседателот на Владата.

 

Како пример беше посочено дека советникот на Груевски, Александар Никовски, покрај месечниот надомест од 3.000 евра којшто го добивал, по разни основи добивал пари од Буџетот во висина од 217.490 евра. Така, Никовски за авиобилети потрошил над 30.000 евра, за угостителски услуги 23.000 евра од кои 5.400 денари за шише Ела вода, за вино 7.000 денари.... За подароци советникот Никовски дал 2.500 евра и за такси и останати видови превоз 5.500 евра.

Во овој случај Владата има доставено барање за мислење до државното правобранителство. 

Веста е прочитана 578 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.