Вицеадмиралот Харвард не сака да биде советник на Трамп

17 February, 2017 - 16:19

Пензионираниот адмирал Роберт Харвард кој беше главен фаворит на Трамп за советник за национална безбедност го одбил американскиот претседател. Харвард всушност беше втор избор на Трамп откако Мајкл Флин беше принуден да се повлече по обвинувањата за наводни врски со руски разузнавачи.

„Всушност се сретнав со некои од луѓето кои наводно се вмешани во ова, тие не знаат ништо за тоа, никогаш не биле во Русија, никогаш не телефонирале во Русија, никогаш не добиле телефонски повик од таму, се ова се лажни вести.“

На синоќешната маратонска прес конференција, американскиот претседател ги обвини медиумите дека фабрикуваат вести и се обидуваат да прикажат дека администрацијата е во тотален неред.

„Оваа администрација работи како добро подмачкана машина и покрај тоа што не ми го одобруваат кабинетот.“

Харвард ги посочи семејните обврски како причина за одбивањето на функцијата, но американските медиуми тврдат дека побарал од Трамп да му биде дозволено самиот да си го состави тимот во Националниот совет за безбедност, што наводно било одбиено.

Поранешниот директор на ЦИА Дејвид Петреус и Кит Келог, кој моментално е вршител на должноста советник за национална безбедност се следни на листата на Трамп. И двајцата се пензионирани генерали со исклучителна служба во американската армија, но Петреус си ја уништи кариерата со условната пресуда за злоупотреба на класифицирани податоци а Келог е 72 годишен консултант за корпорацијата Оракл. За кого и да се одлучи Доналд Трамп ќе биде дочекан со критики од амриканската јавност.

 

Игор Трајков

 

 

 

 

Веста е прочитана 503 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.