Вера Калин најчитан автор за 2016

6 March, 2017 - 15:01

Во чест на„ Денот на читателот“ во Националната и универзитетска библиотека„Св. Климент Охридски“ беше доделено признанието „Најчитан автор“ за 2016 та година во јавните библиотеки во Македонија. Годинашен добитник на ова признание е современата писателка Вера Калин.

Чувството дека за оваа награда е пресуден интересот на читателите за мене е исклучително важно и тоа е реален показател за интересот кон современите книжевни дела воопшто, вели Вера Калин. Во творечката дејност на Калин се вбројуваат делата „Ловци на светулки“ и „Бездомникот со златен часовник“.

- Не значи ако сте најпродаван автор дека сте и најчитан автор. Во Македонија нема толкава читателска моќ од аспект на културна моќ . Од друга страна многу се предаваат книгите и се зимаат од библиотеките, така што ова ми докажува дека мојата книга има четири изданија, меѓутоа стигнала до многу повеќе луѓе од колку што таа бројка покажува, изјава Вера Калин, добитник на наградата за најчитан автор.

Најчитаниот автор се одредува во соработка со јавните библиотеки во Македонија кои испраќаат списоци со пет автори чии книги биле најчесто позајмувани во нивните библиотеки.

- Во оваа најголема ризница на пишани и публикувани дела во нашата држава денес повторно го ставаме на пиадестал читателот, затоа што содржините и пораките кои ги имаат кодирано авторите во нивните книги се насочени кон читателите и без нивното восприемање книгата ќе биде само обичен предмет, изјава Иван Заров, директор на НУБ „Св. Климент Охридски“.

Во рамките на манифестацијата„Ден на читателот“ беа соопштени и добитниците на наградите на Конкурсот за необјавени песни и поетско читање, беше воедно претставен и првиот број на списанието за издавачка дејност насловено „Издаваштво“ .  

Нина Стефанова

Веста е прочитана 4964 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.