Велика Британија и ЕУ заглавија на нова „сопка“ во преговорите за Брегзит

12 October, 2017 - 16:34

Можеби јазикот на кој ја започна заедничката пресконференција, главниот преговарач на Унијата, Мишел Барние, кажува неколку работи за преговорите меѓу Лондон и Брисел за Брегзит.

„Еве сме повторно истите двајца луѓе. Ќе се префрлам на француски. Дами и господа, драг Дејвид. Говорот на Тереза Меј во Фиренца го даде потребниот поттик во овие преговори. Неделава работевме во конструктивен дух, појаснивме одредени аспекти, но засега не презедовме големи чекори напред“, започна главниот европски преговарач Барние.

Петтата рунда преговори заврши во Брисел, но суштинските теми, идните односи и трговијата, се уште не се отворени. Британците се помирија дека првиот рок, а тоа е ЕУ Самитот во октомври ќе биде пробиен, но сега и декември делува оптимистички.

„Се надевам дека земјите членки ќе го препознаат напредокот кој го постигнавме и ќе преземат чекор напред во духот на говорот на премиерот во Фиренца. Со тоа ќе ни дозволат да ги постигнеме заедничките цели кои ги разработивме во конкретни заеднички предлози“, вели британскиот министер Дејвис.

Преговорите сега заглавија на порамнувањето на сметките. Тереза Меј во својот говор во Фиренца, на кој посочи Дејвис, рече дека Британија ќе ги почитува финансиските обрвски како и секоја членка на Унијата. Оваа изјава на Меј во Брисел беше поздравена, но подготвеноста на Лондон да го испочитува ова ветување недостасува.

„Неделава, сепак Обединетото кралство повтори дека сеуште не е спремно да ја појасни оваа заложба. Затоа за ова прашање не се преговараше“, рече Барние.

Незадоволството од бавното темпо на преговорите расте и кај двете страни. Островските медиуми објавија за раздор во Британската влада за пристапот и начинот на продолжување на преговорите. Дел од владиниот кабинет настојува Лондон да започне подготовки за напуштање на унијата без претходно постигнат трговски договор. Ова е опција која се разгледува, но е исто така и најнепопуларната опција кај британската влада, затоа што преовладува убедувањето дека напуштањето на Унијата без трговски договор, ќе биде економска катаастрофа за Британија.

Игор Трајков

Веста е прочитана 534 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.