Утврдени неправилности во првите три елаборати за „Скопје 2014“

13 November, 2017 - 16:17

По добивањето на елаборатите, за споменикот на Андон Јанев-Ќосето и за скулптуралната композиција Мајка Тереза, работната група формирана за проектот „ Скопје 2014“, до министерот за култура го доставила и третиот елаборат, кој се однесува на споменикот Воин на коњ. Според министерот Алаѓозовски, увидот покажува дека двата завршени споменици, на Ќосето и Воинот на коњ, како и започнатата, а не довршена скулптурална композиција на Мајка Тереза, биле изведени со кршења на многу закони и процедури.

„Елаборатите содржат многу неправилности. Практично, од погрешно донесена одлука, до многу грешки во тендерите. Едноставно, во целата таа процедура на изведба, од самата иницијатива, до крајното финансирање, прекршени се многу закони и процедури.

Сега се расчистуваат надлежностите на институциите кои стојат зад спомениците и се разгледуваат можностите за постапување понатаму“, вели министерот за култура. Според него,  за сега нема да има силни најави за дислоцирање или рушење на спомениците, додека институциите не бидат подготвени да одговорат на тоа. Решавање на проблемите од проектот Скопје 2014, најави и градоначалникот Шилегов.

„Ни престои процес во кој што мораме принципиелно, разумно и одлучно да пристапиме кон решавање на проблемите, меѓу другото и од т.н. проект“, Скопје 2014.

Споменикот Воин на коњ беше поставен на плоштадот Македонија во септември 2011, во чест на одбележувањето на 20 годишнината од независноста на РМ. Според новинарската мрежа БИРН, инвеститор е Општина Центар, за изведбата се потрошени околу 8 милиони и 300 илјади евра, а хонорарот на авторката Валентина Стевановска, изнесувал 649 илјади евра.

Споменикот на Андон Јанев-Ќосето го постави пред Врховниот суд, Град Скопје во септември 2014. Тој е меѓу неколкуте што ги донираше Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин. А, скулптуралната композиција Мајка Тереза, откако најавениот донатор Субрата Рој беше уапсен поради затајување данок, започна да го гради претходната власт, во 2015. За него од буџетот беа издвоени 5, 1 милиони евра.

По елаборатите за овие три споменици, се очекува работната група да ги достави до министерот за култура, елаборатите за споменикот на Филип Втори и за објектот Порта Македонија.

Сотир Трајков

Веста е прочитана 2313 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.