Условна казна за прилепскиот градоначалник - одбраната поднела приговор

19 August, 2017 - 16:01

 Градоначаникот на Прилеп Марјан Ристески добил условна казна од три месеци затвор  за несовесно работење во службата, но бидејки прилепскиот суд ја донел пресудата без судење на кое би присуствувал и обвинетиот, одбраната  поднела приговори и очекува  датум за судење и нова пресуда. Градоначалникот Ристески смета дека сето ова било со цел  негово дискредитирање.

 -Основниот суд Прилеп без да спроведе постапка во која што би ги соочиле аргументите, го потврди налог доставен од ОЈО Прилеп, иако истиот е апсурден и на него имам изјавено приговор, така што одлуката на судот се смета како воопшто да не била донесена. Убеден сум дека по спроведувањето на постапката во Судот ќе се докаже дека сум целосно во право. Штетата на општинската зграда ја предизвикаа други лица за време на шарената револуција, од кои треба да се бара одговорност, стои во реакцијата на Ристески.

 Оваа судска постапка е резултат на кривичната пријава на прилепскиот адвокат Жарко Стеваноски кој досега поднел најмалку 5 кривични пријави против првиот човек на Прилеп.

 - Пресудата е донесена без одржување на претреси и се носи секогаш кога обвинителот располага со релевантни докази а судот цени дека нема потреба да се одржува претрес, изјави Жарко Стеваноски, адвокат.

 Стеваноски во февруари годинава ја поднел кривична пријава против Ристески затоа што не ја осигурал општинската зграда, па штетата од боењето за „Шарена револуција“ нема кој да ја надомести штетата од над 200 илјади денари.

 -Прилепскиот градоначалник излегуваше со изјави за висока штета, а според законот за локална самоуправа  бил должен да ја осигура зградата. Поднесовме кривична пријава  затоа што тоа не го направил, рече Стеваноски. 

       - Навистина е апсурдно што се бара обвинетиот да надомести штета што ја предизивкал дург, а само затоа што не била осигурна општинската зграда. Непостоењето осигурување не може да биде создавање или причинување на штета, изјави Стојаноски.

        Стевановски кој и самиот учестуваше во „Шарена револуција“ и критичар на актуелниот градоначалник вели дека ова е единствена пријава што стасала до пресуда, останатите или биле отфрлени или продолжиле против други вработени во општината. Вели во иднина ќе бара одговорност за обвинителите што му ги отфрлиле пријавите пријавите иако ги аргументирал со докази.

Од прилепскиот суд денеска не добивме одговор, портпаролот беше недостапен на телефонскиот број.

Вчера, основниот суд во Кавадарци му пресуди два месеца затвор на градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов, за поткуп при избори и гласање. Судијата Лазар Нанев објасни дека пресудата е согласна законот за одмерување на казните, а Панов преку својот фејсбук профил одговори дека судијата бил лично и политички мотивиран да се додворува на актуелната власт со прогон на политичките неистомисленици. Актуелни се и двете обвиненија на СЈО за градоначалниците на Битола и Гази Баба. Владимир Талевски е обвинет во предметот „Транспортер“ за ученичкиот превоз, а Тони Трајковски за уривањето на Космос во ТНТ.

Елена Ивановска Мукоска

Веста е прочитана 3095 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.