Ураганот Ирма удира во Флорида - Мајами е град на духови

9 September, 2017 - 15:42

Мајами е град на духови. Во градот владее една суреална клима. Градот е празен и тивок, како во затишје пред бура.

Од вечерва, ураганот Ирма, „атомската бура“ како што ја нарече гувернерот на Флорида, ќе почне да се чувствува на американскиот брег, откако посеа смрт и уништување низ Карибите. Локалните телевизии непрестано пренесуваат сателитски слики од предвидениот пат на бурата, делува како да нема спас, ветришта од двесте и деведесет км/ч ќе се срушат врз целата зона. Ќе откорнат палми, кровови, семафори, ќе уништат цели квартови, ќе ги потопат закотвените бродови.

-Мислам дека ќе наликува на воена зона во понеделник и тоа е многу, многу жалосно, како и шокот дека дрвајта кои ова ќе го преживеат ќе бидат многу малку мислам, изјави граѓанин на Мајами.

Сите што се наоѓаат во зоните за евакуација веќе мора да се надвор од градот или во засолништа. Американскиот претседател Доналд Трамп преку итно обраќање повика на евакуација.

-Ова е бура со апсолутно историски најголем уништувачки потенцијал. Ги повикувам сите што наоѓаат на пат на бурата да бидат претпазливи и да ги следат препораките од владините претставници и официјални лица, кажа Трамп.

Евакуиран е и резортот на Трамп, Мар-а-Лаго во Палм Бич.

Жителите на крајбрежјето бегаат на север. 5,6 милиони луѓе се повикани да ја евакуираат Флорида. Но по првиот бран, патиштата се повеќе се празни, бидејќи бензин во Флорида повеќе нема. Во продавниците исто, повеќе нема вода. Аеродромите се преполни, а авионските карти прескапи. За оние кои не беа во состојба да го напуштат градот, отворени се јавни засолништа, ни и тие се критично преполни.

-Доаѓаат во центри кои го немаат домашниот комфор. Многу е важно да си понесат работи од дома. Зборевме за водата, има по 4 литри по човек, по милениче. Храна и лекови, доволно за седум дена, како и облека, постелнина, истакнаа од црвениот крст.

-Мислевме дека можеме да останеме во куќата, живееме многу блиску. Но откако ни кажаа дека ќе биде полошо од ураганот Ендрју, одлучивме да дојдеме и да бидеме сигурни тука.

Ураганот Ирма е најдолготрајната бура од 70-тите, откако науката ги сателитиски ги следи бурите. Бурата допре копно минатат среда вечер во Барбуда, уништувајќи 95 проценти од островот. Потоа ги погоди Карибите промашувајќи го за влакно Порторико. Штетата, која ја предизвика разорниот ураган Ирма на француските карипски острови Сен Мартен и Сен Барт се проценува на 1,2 милијарди евра, додека на целите Кариби остави пустош и големи разурнувања, а одзеде и најмалку 21 човечки живот.

Во Мајами е суреално мирно, двориштата искосени и базените чисти. Но, се тоа од вечерва ќе биде уништено за неколку часа.

Ивор Мицковски

Веста е прочитана 12753 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.