УЕФА диктира цени на штандовите пред стадион

8 August, 2017 - 16:33

Прво не почестија со своите омилени навивачки рефрени. Дури потоа беа расположени да ни кажат дека овде се задоволни од услугите, цените во локалите, вкусот на храната и на македонското пиво. Велат дека за нив овде е многу евтино, уште еден плус за големата спортска еуфорија.

„Цените се фер. Ова е прекрасен град, добра инфраструктура, поминуваме одлично овде. Ни се допаѓа македонската храна и македонското пиво“.

„Многу евтино, евтина храна, евтино пиво, се е овде многу добро организирано. Ми се допаѓа македонското пиво и храната“

Сепак, некои од фановите имаа мали забелешки, велат дека било доста скапо хотелското сместување.

„Цените се коректни, можеби малку во делот на хотелиерството се повисоки од она што би требало да бидат. Јас плаќам во хотел 30 евра соба за двајца за една ноќ“.

Денеска на сајтот Букинг можеше да се регистрираат многу малку слободни хотелски соби, соба за двајца некаде се нудеше за 800 евра од вечер. Сакаа да ќарат и станоиздавачите, па на пример трособен стан се нудешедури и за 69 илјади денари. За еден хотел кој ќе обезбедува кетеринг услуги, се зборува дека за три дена ќе инкасира половина милион евра.

Угостителите, барем оние што сакаа да зборуваат пред камера, велат дека нема да ги зголемат цените на своите производи и услуги, велат, мигот е историски, приоритет им е што подобра услуга за странските навивачи, но и за домашните гости.

Сепак, со нив не се согласуваат дел од овдешните граѓани, тие тврдат дека има поскапувања.

Двете поголеми комори, или не можеа, или воопшто не беа достапни да зборуваат, за да ни кажат колкава заработувачка очекуваат од овие денови.

Државниот пазарен инспекторат е дециден дека не може и не треба да контролира дали рестораните, локалите и хотелите, неосновано ги покачуваат цените.

„Во пазарна економија ние не можеме да ги ограничине цените, тие зависат од понудата и побарувачката. Ако седнете во некој ресторан на Запад, може за вечера да ви побараат и илјада евра, ако сакаде да јадете, добро, ако не, тоа е ваша желба. Инаку ние деновиве активно работиме на терен, ангажирани се 40 инспектори и од други градови, контролираме да нема продажба на фалсификувани дресови и капчиња, да нема продажба на алкохол после 21 часот и слично“, велат од пазарната инспекција.

МВР, пак, денес соопшти дека на Плоштад Македонија денеска се приведени две лица поради продажба и дистрибуција на неавторизирана стока, со брендови на Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед. Тие биле однесени во полициската станица Центар, а пазарната инспекција против нив ќе поднесе прекршочна пријава.

Фудбалските фанови, пак, кои вечерва ќе присуствуваат на натпреварот помеѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед ќе може да купат исклучиво брендирани сувенири и да се разладат на штандовите на кои ќе бидат поставени само производи на паретнерите на УЕФА. Цените се доста повисоки од вообичаените. За ладно безалкохолно пиво ќе мора да се плати 250 денари. Шише вода од 0,4 литри ќе чини 150 денари додека ледениот чај, кафе, џус и газираните пијалоци ќе чинат 200 денари.

Сендвич, кроасан, кесичка со семки или сончоглед ќе чинат по 150 денари.

Таксистите, барем досега, не беа премногу среќни од заработувачката. Велат дека не смеат да ги зголемат цените, во спротивно ќе бидат пријавени и ќе мора да бидат санкционирани.

Атмосферата зовриена и од жешкото време, и од навивачките желби, сите погледи денес ќе бидат вперени кон големиот спорстки настан во Скопје. 

Нина Нинеска-Фидановска

Веста е прочитана 2716 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.