Телевизија Телма за коментарите на актерот Владо Јовановски

16 February, 2017 - 16:24

Телевизија Телма го осудува повикот на војна на актерот Владо Јовановски. Оваа осуда е уште поголема што во моментов медиумот емитува телевизиски проект во кој настапува Јовановски, серијата „Преспав“ што е една од најуспешните телевизиски серии во последниве години.

Надворешниот продуцентот на серијата, која Телма само ја емитува, кога го работеше кастингот немаше ни на крај памет, дека еден од актерите ќе дава изјави кои ќе предизвикаат вакви бурни реакции во јавноста. Меѓутоа, тоа што еден од глумците отако е снимена првата сезона на серијата дал ваква недолична изјава, не значи дека серијата која инаку е помогната од Европската комисија треба да се забрани, или да и биде намалена вредноста. Ниту пак е спорен фактот дека Владо Јовановски е одличен глумец и дека делата во кои учествувал, како филмовите „Прашина“ на Милчо Манчевски, „Балканкан“ на Дарко Митревски или „Тајната книга“ на Владо Цветановски се неизбришлив дел од македонското културно богатство.

Но, тоа што е исто така факт е дека Јовановски поради своите неодмерени и радикални изјави би можел да се соочи со последици во своите идни ангажмани.

Телевизија Телма силно ги осудува радикалните повици на Јовановски, а ќе ги осуди и кога би дошле од која било друга јавна личност.

Редакциски коментар на Телевизија Телма

Веста е прочитана 3630 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.