Турканици и скршени стакла, тензична смена на Митревски од кормилото на ССМ

14 August, 2017 - 15:45

Турканици, тензии, високи тонови и убедувања, по некој навредлив збор, па дури и скршено стакло на влезната врата. Утрово не беше мирно во Сојузот на синдикатите на Македонија. Обидот на новото раководство и официјално да ја преземе управувачката позиција во Синдикатот, се одвиваше со бројни тешкотии.

Откако Дарко Димовски во петокот минатата недела го добил решението од Централниот регистар, со кое и официјално е запишан како претседател на ССМ, тој денеска со своите соработници се обиде, прво мирно, да влезе во синдикалната зграда. Таму веќе беше дојден досегашниот долгогодишен прв човек Живко Митревски. Првата препрека Димовски ја доби веднаш, синдикалното обезбедување не дозволуваше влез, тврдејќи дека за тоа има судско решение. Не помогнаа многу тројцата полицајци. Влезната врата изгледа мораше прва да настрада.

Следуваше околу еден час убедување и напрегната атмосфера.

Потоа Митревски се симна долу, и откако преку вработениот на пријавница го прими решението, конечно се постигна договор Димовски, полицискиот службеник и неколкумина соработници да се качат во просториите на синдикатот. Митревски замолил да му се даде рок од неколку часа да ги собере своите работи, па за 15 часот беше закажано примопредавање на функцијата.

Дарко Димовски пред повеќе месеци беше изгласан од синдикалните тела за нов претседател на ССМ, сега веќе и официјално може да почне да го практикува својот мандат. Откако се качија во салата на Синдикатот, Димовски и неговите соработници од гранските синдикати порачаа дека конечно почнува вистинската борба за работничките права. 

„Апелирам уште утре да се организираме и да се вселиме, овде не завршуваме, дури сега не чека работа, можни се и опструкции од Живко Митревски. Дадовме заклетва пред работниците дека ќе ги подигнеме работничките права на највисоко ниво, се во интерес на работничката класа“, рече Димовски.

Митревски минатата недела ја обвини министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, дека дозволува негова незаконска смена од раководната позиција на синдикатот. Се досега Централниот регистар не го впишуваше Димовски во регистарот на синдикатите, но по смената на раководството во таа институција, Димовски го доби решението.

Сега екс претседателот Митревски, кормилото во Синдикатот го презеде во 2010 година. Дел од гранските синдикати го обвинуваа дека се грижи повеќе за интересите на поранешната власт, а не за правата на работниците.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 7018 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.