Трамп во маратонска прес конференција повторно ги нападна медиумите

17 February, 2017 - 10:45

Американскиот претседател Доналд Трамп, на својата прва самостојна прес конференција во Белата куќа која траеше 76 минути, повторно ги нападна медиумите обвинувајќи ги дека шират невистини за неговата администрација

„Го вклучувам телевизорот, ги отварам весниците и гледам приказни за хаос. Хаос. А всушност е токму спротивното. Оваа администрација работи како добро подмачкана машина и покрај тоа што не ми го одобруваат кабинетот. А тие се исклучителни луѓе“, обвини Трамп.

Трамп ги критикуваше американските медиуми како нечесни, а тврдењата дека членови на неговиот предизборен тим повеќе пати биле во контакт со руските претставници, ги отфрли како „лажни вести“.

„Всушност се сретнав со некои од луѓето кои наводно се вмешани во ова, тие не знаат ништо за тоа, никогаш не биле во Русија, никогаш не телефонирале во Русија, никогаш не добиле телефонски повик од таму, се ова се лажни вести“, вели Трамп.

Претседателот обвини дека наследил општ неред, дома и во странство од претходната администрација и посочи дека неговата администрација постигнала многу за кратко време.

Трамп најави нова извршна наредба за забрана за влез во земјата која ќе биде потпишана следната недела. Според него импелементирањето на претходната забрана одело многу лесно и покрај тоа што беше укината од федералниот суд а меѓувреме беа покренати повеќе приватни судски процеси.

Игор Трајков

Веста е прочитана 1067 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.