Трамп: Да, и Русија стои позади хакирањето

11 January, 2017 - 21:20

По 168 дена од својата последна прес конференција, Доналд Трамп остро го нападна американското разузнавање, обвинувајќи ги службите дека стојат зад лажните вести поврзани со неговите наводни бизнис интереси во Русија, поради кои би бил подложен на уцени.

-Сакам да им се заблагодарам на голем дел од новинските организации тука присутни, бидејќи ги видоа тие бесмилици кои беа објавени, можеби од разузнавачките служби, којзнае, но можеби од разузнавачките служби, нешто што би претставувало сериозна дамка за нивниот углед ако тоа го направиле, сериозна дамка.

Трамп потоа објасни дека фамилијарниот бизнис го препушта на своите деца иако како претседател не е подлежен на конфликт на интереси. Во својот карактеристичен его наплив, Трамп ги помеша компанијата и државата.

-Како претседател не сум подложен на конфликт на интереси. Значи би можел да го водам мојот бизнис, да го водам мојот бизнис и да ја водам владата во исто време, не ми се допаѓа како тоа изгледа, но доколку сакам би бил способен тоа да го направам, јас би бил единствениот способен тоа да го правам, такво нешто не би можеле во ниедна друга квалификација освен претседател, јас би можел да ја водам Трамп организацијата, голема, голема компанија, и да ја водам компанијата, државата. Би бил многу добар.

Конечно, осврнувајќи се на жешкиот костен од американските избори, односно хакерското мешање и влијание на Русија во изборниот успех на Трамп, новиот претседател за прв пат призна дека најверојатно станува збор за руско масло.

-Што се однесува до хакирањето, мислам дека беше Русија. Но, мислам дека бевме хакирани и од други земји и други луѓе. Откако ја посочи и Кина како земја која ги хакира САД, Трамп повторно се врати на фабрикуваните вести околу неговите интереси во Русија пофалувајќи го Путин кој изјави дека таквите информации се невистинити.

-Ако на Путин му се допаѓа Доналд Трамп, јас тоа го сметам за квалитет, не за недостаток. Затоа што имаме ужасни односи со Русија. Русија може да ни помогне во борбата против ИСИС, кој патем е проблем број еден.

Трамп не издржа а да не го покаже своето нетрпение кон одредени медиуми, напагајќи ја телевизијата на естаблишментот Си-ен-ен. -Кога веќе не напаѓате дали може да ви поставиме прашање? -Не, вие не. Вие не. Вашата организација е ужасна. Вашата организација е ужасна.

-Ќе ни дадете ли шанса да поставиме прашање? -Тишина, тишина. Повелете, таа поставува прашање. Не биди безобразен, не биди безобразен. Не, нема да ти дозволам прашање. Вие сте лажни вести.

Меѓу останатото Трамп изјави дека ќе биде најголем креатор на работни места што господ го пратил на земјата. Потврди дека ќе го замени Обамакер, здравствениот систем на Обама кој го нарече катастрофален, и додаде дека нема да ги објави своите приходи, затоа што тоа ги интересирало само новинарите.

Ивор Мицковски

Веста е прочитана 2401 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.