Топлото време критично за есенската сеидба

17 October, 2017 - 12:24

Надпросечно високите температури за овој период од годината што ја зафатија Македонија може да ја доведат во прашање есенската сеидба зашто почвата нема доволно влага. И она малку што беше апсорбирано од последните врнежи, велат агорметеоролозите, можно е да испари.

 

За останатите култури топлото време не е критично, ниту се ризични студените утра и ноќи зашто мраз нема. Дури за некои, како градинарските растенија на отворено, пиперки, карфиол, зелка, кељ, кои засега функционираат без пробем, повисоките температури се добродојдени.

- Отежнати се условите за сеидба на есенските култури, може да се рече и дека сеидбата е доведена во прашање. Почвата е сува, високите температури нагло ја дехидрираат па и тоа што поникнало може да се исуши. Посебно е критична состојбата во Пелагонија и Овче поле. Таму веќе има проблем, изјави Ангелко Ангелески од УХМР.

Кај овошките и лозјето, рече, листовите се уште не се паднати и не може да се размислува за нови садници, а бидејќи нема мраз, нема ни оштетувања. 

Според Ангелески, уште една недела се очекуваат вакви температури, но, сега е рано да се предвидат евентуални последици од нагло заладување. 

Веста е прочитана 433 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.