Тони Блер тргнува во мисија за промена на одлуката на Британците за Брегзит

17 February, 2017 - 11:11

Поранешниот британски премиер Тони Блер ќе почне мисија за промена на одлуката на Британците за Брегзит.

Во текот на денешниот ден тој ќе оддржи говор во кој ќе ги истакне аргументите дека напуштањето на Унијата е закана за иднината на Велика Британија.

Премиерката Тереза Меј изјави дека во март ќе го активира член 50 од Лисабонскиот договор и ќе го почне процесот за излез од ЕУ. Плановите се за конечен прекин со ЕУ, вклучувајќи го и излегувањето од заедничкиот европски пазар. Меј ги предупреди британските политичари да не го попречуваат Брегзитот.

Но, во рамки на своето прво политичко појавување по референдумот од јуни минатата година Блер денеска ќе повика на обединување на противниците на Брегзитот, изјавувајќи дека при изјаснувањето на референдумот не било доволно јасно што значи да се поддржи излезот, како и дека владата го фатила курсот кон „Брегзит по секоја цена“.

-Луѓето гласаа без да знаат какви се вистинските последици на Брегзитот. Со времето, меѓутоа, овие последици стануваат се појасни и затоа нивно право е да ја сменат својата одлука, ќе наведе Блер во својот говор  пред проевропската организација „Отворена Велика Британија“.

„Нашата мисија е да ги убедиме тоа да го направат“, подвлече тој.

Блер, кој беше британски премиер од 1997 до 2007 година, уште ќе каже дека меѓу ризиците кои ги крие излезот од ЕУ, е и прашањето за распад на Велика Британија, кој, според него, „повторно е на маса“.

Веста е прочитана 1186 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.