Тевдовски: Сакаме да ги искористиме поволните камати

13 November, 2017 - 15:56

Сега би добиле ниски камати бидејќи се поволни состојбите на светскиот пазар, во иднина тие ќе растат. Вака министерот Тевдовски ги објаснува владините намери наведени во буџетот, со кој се планирани странски задолжувања од 566 милиони евра. Вели дека за 2018 потребите на државата за пари се 470 милиони евра, 300 милиони за покривање на буџетскиот дефицит, остатокот за враќање на обврски кон странство. 

 

„Очекувањата се дека, со оглед што и ФЕД почна да ја затега политиката, очекувањата се дека на меѓународниот пазар ќе поќнат да се зголемуваат каматните стапки, тоа прави да размислиуваме дека е време да излеземе со еврообврзница, бидејќи не е исто да се издаде еврообврзница со камата од 3,4, 5 отсто или 10 отсто, значи ќе донесеме одлука за излегување на меѓународниот пазар само ако граѓаните за тоа платат пониска цена“, вели Тевдовски.

Министерот вели, оваа Влада го намали буџетскиот дефицит на 2,7 отсто, но в година мора да врати и долгови направени од претходната власт. Ќе донесеме одлука да излеземе на меѓународниот пазар само ако граѓаните платат пониска цена, вели министерот.

Опозицијата, пак, не се согласува, ВМРО-ДПМНЕ излезе со обвинување дека поради оваа Влада државата идната година ќе ја почне со рекорден буџет. Се планираат задолжувања од 854 милиони евра, велат од партијата, а за неполни 6 месеци веќе се направени задолжувања од 440 милиони.

„Оваа Влада ќе ја задолжи државата за околу една милијарда евра, но плус семејствата ќе имаат една просечна плата помалку, заради повисоката акциза на нафтата“, вели Кузмановска.

Министерството за одбрана во 2018 ќе добие буџет од 106 милиони евра или 15 милиони повеќе од годинава, тоа е заради НАТО стандардите. Но, зошто се зголемува буџетот на МВР за дури 19 милиони евра, со што тој ќе тежи 167 милиони евра?

„Во МВР има направени сериозни обврски од претходната власт кои досепваат за враќање, но треба тие подетално да одговорат“, вели Тевдовски.    

Истото објаснување, дека тоа не е одлука на Финансии, туку на друга институција, министерот го има и за зголемувањето на ставката за патни трошоци во Собранието.

Министерот Тевдовски денеска на Економскиот факултет ја промовираше својата книга „Патот напред“, збирка од негови колумни, па потсети и дека во една од нив уште пред години напишал оти најлошо е ако долгот се намалува преку кратење на плати, пензии, социјална помош и отпуштања во администрацијата, бидејќи тоа ќе ја намали потрошувачката и ќе ја замрзне економијата. Затоа е најдобро со долгот да се управува преку зголемување на економскиот раст, рече министерот. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 2483 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.