Терористички напад во Лондон, нема убиени

15 September, 2017 - 16:18

Импровизирана експлозивна направа е детонирана во метро станицата Парсонс Грин во југо-западен Лондон, соопштија од Скотланд Јард и потврдија дека станува збор за терористички напад.

За време на утринскиот сообраќаен метеж, кога Лондончани забрзано одат кон работните места, во еден од последните вагони експлодираше бомба која била поставена во бела кофа, покриена со брендирана ќеса, од која излегуваат жици. Патниците панично почнале да бегаат, се создало стампедо, а луѓето се газеле едни со други. Повредени се 22-ца, но најголем дел од нив се повредени во стампедото, а само неколкумина се здобиле со изгореници од експлозијата, но ниту еден не е сериозно повреден.

„Одеднаш слушнав голем удар од мојата лева страна, кога се свртев видов огромни огнени искри кои летаат кон мене. Во тој момент, сфатив зошто луѓето плачат и врескаат, веднаш станав и отидов кон вратата која беше отворена. Луѓето пред мене беа во паника и почнаа да паѓаат еден врз друг, ме повлекоа и мене...се создаде голем хаос...

Полицијата ги повикува граѓаните да останат мирни, а сите кои имаат некаква информација за нападот да јават. Но, одбиваат да кажат дали некој е уапсен во врска со нападот. Медиумите јавуваат дека е започната потрага по можниот терорист.

Градоначалникот Садик Кан, исто така повика на смиреност, и убедува дека градот повеќе никогаш нема да биде нападнат или поразен од тероризам.

Се огласи и американскиот претседател Доналд Трамп, преку Твитер.

„Уште еден терористички напад во Лондон од терорист – губитник. Ова се болни и пореметени луѓе кои беа набљудувани од Скотланд Јард. Мора да се делува жестоко“, вели Трамп.

Порача дека интернетот подобро треба да го користиме, кое го наведе како средство за регрутација на терористите.

Инаку, ова е петти по ред терористички напад годинава во Лондон, но е единственииот во кој нема убиени. Во претходните 4, загинаа 36 луѓе.

 

Алиса Шутиноска

 

Веста е прочитана 925 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.