Теракотите од Виница на новата банкнота од 200 денари

8 January, 2017 - 17:31

Два милиони жители во државата секојдневно се во контакт со виничките теракотни икони. Керамичкиот  релјеф со ликови од Стариот завет се најде на предната страна на банкнотата од 200 денари. Локалната власт и археолозите сметаат дека ова им оди во прилог за развој на туризмот, а македонските и странските туристи ќе бидат заинтересирани да ја посетат Виница, градот на теракотите, кои пред речиси четири децении се пронајдени на локалитетот Виничкото Кале.

„Еден нов податок, нова информација, многу значајна за нас како виничани, за општина Виница е тоа што пред некое време теракотната икона со мотивот Џошуа и Галеб се најде на банкнотата од двесте денари. Тоа ќе биде мотив плус да се посети Виница и да се види токму од каде потекнува оваа икона“, вели градоначалникот на Виница, Емил Дончев.

Музејот Теракота и Виничкото Кале годишно ги посетуваат околу 2.500 туристи. Иако Музејот е мал, сепак, вработените можат да одговорат на предизвиците и на гостите да им ја раскажат приказната за теракотните икони кои потекнуваат од ранохристијанскиот период. Единствени се на Балканот, а вакви постари или од истиот период  релјефи се откриени во Сирија, Франција, Тунис.

„Теракотните икони од Виничко Кале се едни од најрепрезентативните уметнички остварувања од ранохристијанскиот период во Македонија. Значи тие се доказ за првите христијански прифаќања овде на територија на Република Македонија. По Миланскиот едикт 313 година значи христијанството веќе постепено почнува да се шири и еве на територија на Виница ние веќе во петтиот и шестиот век христијанството го имаме веќе прифатено“, вели директорката на музелот Јулијана Иванова.

Археолозите велат дека Виничкото Кале функционирало како значаен религиозен центар, но се уште не е докажано дека бил епископски центар.

Петта година по ред се стопирани археолошките истражувања на Виничкото Кале, каде што се пронајдени теракотните икони, а прогласени се за национално културно наследство.

„Виничко кале не е само тој дел што е внатре, туку има и дел подградие што останува исто така да се истражува понатака, значи просторот е многу поголем од тие 2,5 хектара што ги имаме во рамките на тврдината меѓутоа еве останува и за наредните генерации да можат да имаат што да работат завршува“, додава Иванова.

Досега се откриени 20 мотиви на теракотните икони, од кои 13 се дешифрирани, а за седум нема доволно елементи да се препознае што на нив е претставено. Македонските теракоти од Виница го прошетаа светот, беа видени во Ватикан, Москва, Париз, Виена, Рим, Утрехт и во други поголеми светски центри, а од октомври ќе бидат претставени и на изложбата „Религиите во империите низ историјата“ во музејот Ашмолијан на универзитетот Оксфорд во Велика Британија.

Николина Атанасова

Веста е прочитана 3025 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.