Темелко не го познава Пепиќ

9 March, 2016 - 15:36

           -Не го познавам Мунир Пепиќ. Никогаш не сум се сретнал со него. Можеби тој доаѓал во Пустец, но со мене немал контакт. За него дознав од пишувањето на некои медиуми.

           Вака реагираше градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, на прашањето дали се познава со Пепиќ и каква била неговата евентуална улога во обезбедувањето лични карти за жителите на албанската општина со мнозинско македонско население непосредно пред последните локални избори. Пепиќ е вработен во полициската станица Беко. Тој е еден од осумтемина осомничени за повреда на избирачкото право, уништување изборен материјал и за злосторничко здружување во рамки на случајот Титаник.

Вчера во неговиот дом во скопското село Батинци беше извршен претрес по добиена судска наредба, а на барање на Специјалното јавно обвинителство. Портпаролката на Обвинителството, Ленче Ристовска, одбива да даде детали во интерес на постапката. Но, потврдува дека при претресот се одземени повеќе предмети од домот на осомничениот.

Дали се работи за компјутери, списоци, фотографии, обрасци за лични карти или нешто друго, не може да се добие информација. Ништо не открива и нема никаков коментар ниту адвокатката Ружица Николовска, која била присутна за време на претресот на Пепиќ. Неофицијално, Пепиќ бил дел од групата која без законска основа обезбедувала лични карти на фиктивни адреси за македонците од Пустец. Неговото име се споменува и во опозициските „бомби“.

           Минатиот месец, Специјалното обвинителство побара притвор за Пепиќ, поранешните министри Јанкуловска и Јанакиески и за други осомничени во случајот „Титаник“. Кривичниот суд не го прифати барањето. Истрагата за изборните нерегуларности во 2013-та продолжува.

Соња Николовска

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.