Театарот во канџите на тајната полиција

15 March, 2017 - 16:21

Непристојниот предлог славниот актер да го учи сценски говор бизнисменот со политички претензии, сепак ќе биде прифатен. Тоа ја отвора Пандорината кутија во неговиот живот, прикажувајќи ја фаталната врска меѓу театарот, политиката и тајната полиција. За подготовката на оваа црна комедија, покрај оригиналниот текст на Горан Марковиќ, вклучени се парчиња од „ Ричард Трети“ на Шекспир, но и други дела.

„Во текот на процесот размислувавме дали треба да остане да се вика „ Говорна маана“ или треба да биде „Говорна и други маани“, бидејќи се занимава со разно-разни општествени теми кои што се сублимирани“, вели режисерката на претставата Драгана Милошевскa Попова.

„Говорна маана“ е камерен проект во кој се мешаат светот на суровата реалност и светот на театарот. Улогата на славниот актерот ја толкува исто така славниот Игор Џамбазов. Како што вели тој, во ликот пронашол многу сличности со неговиот живот.

„Задоволство е актер да игра актер, особено ваков каков што е Мишел Радински, за кој подоцна во претставата ќе се открие што се правел во животот и каде се бил“, вели Џамбазов.

Покрај Ивица Димитриевиќ во улогата на бизнисменот и Сашка Димитровска, во ликот на девојката на актерот, во оваа интимна приказна за театарот настапуваат и Арна Шијак, Ана Стојановска и Билјана Јовановска. Сценографијата и костимите се на Илина Ангеловска, а музика компонираше Горан Трајкоски. Според прикажаното, „Говорна маана “ е претстава за која ќе се бара билет повеќе.

Сотир Трајков

Веста е прочитана 3411 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.