Театар во чест на жртвите на тероризмот

14 April, 2017 - 16:18

Претстава од позиција на жртвите во терористичките напади низ светот и од војната во Сирија. Ова е концептот на камерната претставата „А, што потоа“, со која младите надежи на македонскиот театар, оддаваат почит кон нивните врсници, кои завршиле како колетарална штета на денешната глобална политика.

„Ја знаеме сите причината. Ги знаеме терористите, со нив се занимаваме цело време. Меѓутоа со другата страна никој не се заминава. Остануваат така заборавени. И сакавме малку да оддадеме почит“, вели режисерката Драгана Гунин.

За потребите на претставата, актерите заедно со режисерката Гунин го напишаа текстот. Користеа податоци за загинатите во повеќе терористички напади од минатата година, лични искуства од себе си, но и стихови од песната „Барбара“ од Жак Превер.

„Мојот лик е истрауматизиран од веќе претходните проблеми и пекол кој всушност се случил во животот, а не го чека после смртта. Па се соочува со тие прашања“, вели актерката Нина Максимова.

„Сме се запрашале, некогаш во животот сме се запрашале, што има  понатаму? Што има после овој свет?“, вели актерот Бојан Лазаров.

Во претставата во која се мешаат документаризмот и метафизиката, вклучени се и видеа од крвавите терористички и воени дејства во Сирија. Затоа, таа не се препорачува за помлади од 14 години. Нејзиниот ангажман е длабоко хуманистички и пацифистички.

Сотир Трајков

Веста е прочитана 1507 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.