СВР Охрид:Нема знаци на насилство на телото на разузнавачот

23 November, 2015 - 13:36

Според првичниот увид на лице место извршен од јавен обвинител и полициски екипи, на телото на 44-годишниот воен разузнавач Горан Софески немало траги на насилство, велат за Телма од прес службата во СВР Охрид.

Телото на Софески е најдено утрово после 7 часот за време на потрагата по него, откако вчера попладне негов братучед го пријавил исчезнувањето на разузнавачот кој тргнал во лов. Претпоставките на истрагата се дека Софески починал од природни причини. Во близина на телото не се пронајдени траги од друго лице, велат од полицијата.

Стефан Димовски, портпаролот на СВР Охрид за Телма соопшти дека јавното обвинителство по првичното размислување да побара обдукција одлучило да не бара таква постапка бидејќи очигледно било дека станува збор за приородна смрт без знаци на насилство.

Софески вчера тргнал на лов од Кичево, но откако не се вратил, негов братучед го пријавил исчезнувањето во кичевската полициска станица. Ова е објавено и во денешниот билтен на МВР, иако исчезнатиот (односно неговото беживотно тело) веќе беше најдено кај селото Раштани на 5 километри од Кичево.

Горан Софески е поранешен разузнавач и функционер во Воената служба за безбедност и разузнавање и постојано ги критикуваше постапките и работењето на актуелната власт во областа на безбедноста, армијата и во разузнавањето. Последното работно место на Софески е во Здружената оперативна команда на АРМ, чие седиште е во Куманово.  

Веста е прочитана 402 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.