Сведок на СЈО во Тортура бил загрозен од екс-командантот на алфите кој му бил и надреден

15 July, 2017 - 16:00

Апелациониот суд објави дека ги отфрла жалбите на 5-мина полицајци алфи, меѓу кои и поранешниот командант на единицата Ивица Анчевски Пуки и им наложи секој петок да се јавуваат во суд, поради можност од бегство. Од друга страна Апелација ги прифати жалбите на СЈО и за сите полицајци –алфи определи и мерка забрана за контактирање и приближување на лице кое е сведок во постапката. СЈО навело дека сведокот кој е полицаец во единицата алфи се чувствува загрозен од честите јавувања на тогашниот негов командант Пуки (кој е и првообвинет во Тортура).

-Видно од приложениот записник од 07.10.2016 година за сослушување на сведокот Д. Т. пред обвинителството, истиот во повеќе наврати бил контактиран од страна на обвинетиот Ивица Анчевски, со цел да му биде извршен притисок во однос на давање на исказ за кривично правниот настан, заради што сведокот Д. Т. јасно наведува дека се чувствувал загрозен. Според тоа, првостепениот суд правилно ценел дека примената на оваа мерка (забрана за приближување и контактирање, н.з.) е нужна и оправдана со цел за непречено водење на постапката, а како би се елиминирала опасноста обвинетиот во понатамошниот тек на постапката на било кој начин да влијае на сведокот Д. Т. преку приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со истиот, особено што ова лице со обвинителниот акт во листа на докази е предложено за сослушување како сведок, стои во решението за отфрлената жалба на обвинетиот Ивица Анчевски Пуки.

Во образложенијата за мерката да не се приближуваат на сведокот во другите одбиени жалби на припадниците на алфи, обвинети со Тортура стои:

-Ова од причина што сведокот при давањето на неколкуте изјави во обвинителството навел дека и останатите обвинети, покрај осомничениот, сега обвинет ..., што е прекар на обвинетиот И.А., му се јавувале на телефон и сакале да дознаат што кажал кај обвинителот. Врз основа на ваквите наводи на сведокот Д.Т. и фактот што истиот е полициски службеник вработен во истата единица како и обвинетиот, па со оглед дека со обвинетиот имаат секојдневен контакт, постои реална, конкретна и сериозна закана истиот да влијае врз сведокот.

Од 5-мината обвинети (Ивица Анчевски, Јован Боцевски, Новица Станковски, Метуш Шабани и Филип Атанасов) за малтретирање додека го апселе Љубе Бошкоски, во единицата алфи, тројца уште се колеги на сведокот на кого нема да смеат да му се приближуваат.

Поранешниот командант на единицата (Анчевски) по разрешувањето има позиција во кругот на МВР, додека еден од обвинетите  (Атанасов) уште претходно бил префрлен во друга единица.

Полицијата сега ќе треба да смисли решение како обвинетите и сведокот да не се среќаваат и комуницираат.

Миомир Серафиновиќ  

Веста е прочитана 5769 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.