Струмичките компании се жалат на недостаток на квалификувана работна сила

18 March, 2017 - 16:09

Струмичките компании се жалат на недостаток на квалификувана работна сила, но и сезонски работници. Поради тоа, најмногу се кочи работата на градежните компании во регионот, но и на земјоделско-преработувачките капацитети кои што имаат потреба од работници во текот на летната сезона. Според информациите на Струмичката бизнис заедница, една од причините е масовниот одлив на млад кадар во западноевропските земји.

Бизнис конфедерацијата на Македонија смета дека треба многу да се работи на подобрување на бизнис климата во земјата, со што би се мотивирале младите да останат и да се профилираат за работа во македонското стопанство. Нивните податоци укажуваат дека недостаток на работници има на територија на цела држава.

Според бизнисмените, продолжената политичка криза во државата не и прави услуга на домашната економија. Бизнис секторот бара итно решавање на политичката криза, функционирање на институциите и подобрување на деловната клима.

Сузана Мицева

 

Веста е прочитана 1222 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.