Странските експерти и понатаму ќе им помагаат на домашните компании

17 July, 2017 - 16:34

Подобрување и проширување на производните процеси, подобрена технологија, нови производи, повисоки стандарди и соработка со странски компании. Ова, според вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, се само дел од придобивките од проектот  за ангажирање на странски експерти за домашните мали и средни компании, поради што најави дека тој ќе биде продолжен, односно, ќе биде објавен и трет јавен повик.

Една од работите кои овојпат ќе треба да се подобрат, според вицепремиерот, е менталитетот на управување, преносот на сопственоста на новите генерации, но и надградување на претприемачкиот дух кај новите менаџери.

Од Стопанската комора се задоволни од проектот, но бараат и негово подобрување.

На македонските компании им помагале пензионирани експерти од Швајцарија, Холандија, Германија и Австрија. Над 90 проценти од финасиските средства за овој проект кој трае од 2013 година, се добиени како гранитови од четирите земји. Компаниите добиваат од 5 до 7 илјади евра, а за сместувањето на експертите се грижат самите. Проектот е наменет за мали и средни компании со 10 до 250 вработени кои треба да постојат најмалку две години и да имаат најмалку 51 отсто домашен капитал. На досегашните два огласи, услугата ја искористиле 96 компании, а дури 90 отсто од нив повторно би учествувале во проектот кој на скалата од 1 до 5 добил висока оценка, 4,55. Заинтересираните компании ќе можат да се пријавуваат до 29-ти јули годинава.

Далиборка Демјанска Цветановска

Веста е прочитана 1120 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.