Стопанската комира бара укинување на забраната за продавање алкохол

10 July, 2017 - 12:28

Да се укине забраната за продажба на алкохол по 19, односно 21 часот зашто во изминатите девет години откако е донесена, не само што не ги постигна саканите резултати, туку предизвика и дополнителна штета, пред се кај консументите, а потоа и кај домашната индустрија и државата, апелира Стопанската комора на Македонија.Ваквото барање преточено во Иницијатива за измена на Законот за трговија, Комората денеска ќе го достави до Министерството за економија. Комората бара и укинување на давачката од 0,05 отсто за продолжување на лиценцата за продажба на алкохол кај трговците со над три продажни објекти, зашто, како што нагласи оперативниот директор Елена Милевска Штрбевска, се однесува на вкупниот промет, а не само на прометот на алкохолните пијалаци. Со давачката, додаде Милевска Штрбевска, оваа категорија трговци се доведени во нерамноправна положба во однос на останатите субјекти на пазарот.

 - Воведувањето на забраната за продажба на алкохол по 19, односно 21 часот беше да се намали неговата консумација, особено кај младите. Но, напротив, во последниот извештај на Институтот за јавно здравје, објавен лани, се констатира дека консумацијата не е само појава кај возрасните, туку и кај младите чиј број од ден на ден станува се поголем. Од ова произлегува дека единствена ефикасна мерка за намалување на достапноста на алкохолот кај младите е доследната и ригорозна примена на законските одредби за забрана на продажба и точење на алкохол на лица под 18 години, а не „прохибиција“ за сите, потенцира директорката. Дополнително, рече, изминатите девет години од примената на оваа рестриктивна законска регулатива, не се понудени никакви емпириски докази дека таа остварила какво било влијание врз евентуално намалување на алкохолизмот во Република Македонија.  

Веста е прочитана 606 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.