ССМ од новата Влада ќе бара повисока минимална плата

15 February, 2017 - 19:17

Синдикатот ќе бара повисока минимална плата од новата Влада. Пресметале дека актуелната, која во моментов изнесува 10.080 денари, не ги задоволува основните потреби на работниците. Не сакаат да лицитираат со конкретна сума. Посочуваат дека минималната плата треба да го следи растот на цените, но во исто време да биде прифатлива и за работодавачите.

„Минималната плата, според нашата проценка, треба да биде зголемена. Ако се има предвид дека синдикалната потрошувачка кошничка што ја пресметуваме зборува дека над 41 отсто од вкупните давачки се поврзани со храната, тоа е доволно алармантно да кажува дека треба да почнеме процес на преговори заедно со социјалните партнери“, вели претседателот на ССМ Живко Митревски. 

Митревски најави дека во исто време ќе бараат заедно со државата и бизнис секторот да изградат стратегија за плати, чија цел ќе биде да се зголеми стандардот на граѓаните.

„Имаме идентификувано голема нееднаквост. За еднаква работа многу различни плати. Таа нееднаквост генерира социјална исклучивост кај работниците и од тие причини сакаме ова прашање да го вметнеме во рамките на една заедничка стратегија за плати во РМ“, додава Митревски. 

Минималната плата во Македонија е една од најниските во регионот. Најниската плата во Европската Унија е за 75 евра повисока од најниската плата во Македонија. Во предизборието, едно од главните ветувања на политичките партии беше токму растот на минималната плата. ВМРО-ДПМНЕ вети дека до 2020 година таа ќе достигне 13.500 денари, додека од СДСМ се обврзаа на сума од 16.000 денари.

Мирко Трајановски

Веста е прочитана 1545 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.