Сообраќајот во Тетово парализиран

13 August, 2017 - 15:08

Ваква е сообраќајна слика низ тетовските улици и булевари речиси во текот на целиот ден. Поради недостиг на паркинг места автомобилите се паркираат на тротоари, пешачки премини, на коловозни ленти, парализирајќи го целосно слободниот проток на возила. Граѓаните вината за сообраќајниот хаос и големите гужви ја лоцираат во немањето на сообраќајна култура и јавни паркинзи. 

Од Јавното претпријатие Градски паркинг Тетово, пред две години воведоа зонско паркирање, но овој начин на паркирање се уште не е целосно спроведено во рамки на А и Б зоната. Од градски паркинг, велат дека од Секторот за внатрешни работи Тетово чекаат дозвола за проширување на зонското паркирање. Се надеваат дека до крајот на летото полицијата ќе им одобри целосно да го реализираат паркирањето и во двете зони. 

Оттаму најавија дека во текот на месецов ќе биде пуштен во употреба јавен паркинг од затворен тип, со кој градот ќе добие дополнителни паркинг места. 

И од СВР Тетово, посочуваат дека со разни активности работат на подобрување на состојбата со сообраќајот во градот.  

Неофицијално според одредени полициски извори, во Тетово во период кога се дојдени печалбарите вкупната бројка на возила изнесува околу 60 000 илјади возила. Градот пак досега има обезбедено само 600 јавни паркинг места, податоци кои доволно говорат за недостигот на паркинг места. За изминативе десет години нема отворена ниту една нова сообраќајница, градот нема ниту една обиколница, а се уште не се пробиени трите булевари иако секоја градска власт најавуваше нивна целосна изградба. 

Веста е прочитана 2005 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.