Солунското пристаниште без алтернатива, се бараат решенија

16 March, 2017 - 19:11

Засега нема соодветна алтернатива на Коридорот 10 за македонските компании. Солунското пристаниште е најблиско и најисплатливо, но за македонската економија, големи загуби предизвикаа трииполнеделните блокади од грчките земјоделци, како и големиот број бегалци што транзитираа низ овој регион. Претставници на нафтени и енергетски компании и голем број домашни бизнисмени во Стопанската комора на Македонија дебатираа како да се надминат проблемите и да се обезбеди функционалност и сигурност во снабдувањето со стоки и нафтени деривати.

Првиот човек на ОКТА, Јанис Геруланос, вели дека преку рафинеријата се обезбедува 80 отсто од целиот пазар на нафта и нафтени деривати во земјава. Нашата инсталација во Миладиновци е најголема во целата држава, но таа не може да се искористи ако не се употребува нафтоводот, предупреди извршниот директор на рафинеријата. Сега транспортот на нафта оди главо преку камиони, како и делумно преку железничкиот транспорт, кои се соочија со бројни проблеми во изминатава година. За време на блокадите од грчките земјоделци се користеа алтернативни транспортни правци, но тие се поскапи и многу потешко изводливи.

Иван Петровски, директор на Фершпед рече дека добар дел од тешкотиите би можеле да се надминат со воведување на едноцариснки шалтерски систем. Се очекува солунското прсианиште, кое сега е 74 отсто во сопственост на грчката држава, во наредниот период да се издаде под концесија на солиден стратешки партнер, што ќе доведе до негова либерализација и намалување на трошоците за нашите фирми.

Од Пуцко петрол, од каде сметаат дека оваа дебата е задоцнета, прашаа зошто грчките земјоделци одлучиле да блокираат токму на македонската страна на границата, на што од Грчката канцеларија за врски одговорија дека властите во таа земја се демократски, и како такви не сакале да употребуваат сила за насилно одблокирање на граничните премини.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 1296 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.