Со операта „ Травијата“ се отвораат 45 МОВ

9 May, 2017 - 16:33

Со премиерата на операта „Травијата“ од Џузепе Верди, во режија на Верена Штојбер од Германија, вечерва ќе бидат отворени годинашните 45 по ред „Мајски оперски вечери“. Диригент е реномираниот гостин од Италија, маестро Џанлука Мартиненги, сценографијата и костимите се на Софија Шнајдер од Германија, а кореографијата е на Саша Евтимова .

Во оваа изведба на „ Травијата“ настапуваат  Ана Дурловски, Дарко Нешовски , Борис Трајанов, Марјан Јованоски,Николина Јаневска , Александра Лазаровска-Василевски , Владимир Саздовски, Драган Ампов , Никола Стојчески , Борко Биџовски , Игор Гиновски , Ернес Ибраимовски и оркестарот, хорот и балетскиот ансамбл на МОБ.

За премиерната постановка на „Травијата“ , во продукција на Македонската опера , режисерката Штојбер вели:

„За мене, Верди е еден од најголемите раскажувачи на сите времиња. Со „Травијата“, тој уште еднаш ги крши табуата. На сцената не донесува кралеви и кралици или херои, што било пракса на оперските композитори на времето. Напротив, на сцената тој донесува „нормални“ луѓе. Но, и повеќе од тоа: дозволува главниот карактер во операта да биде една жена со низок морал, љубовница. Јас не го оправдувам лицемерието на патријархалното општество во кое не е проблем мажите да имаат жени и девојки на страна, но е проблем кога некој, а во случајот на „Травијата“ тоа е Алфредо, ги прекршува правилата и се вљубува во една од љубовниците, и дури и полошо – решава да живее со неа. Ова не е типичен пример како светот во кој мажите доминираат функционира и е нешто што не смее да се случи, вели Штојбер.

Веста е прочитана 680 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.