Скриениот долг е двојно поголем, тврдат стопанствениците

9 July, 2017 - 15:48

Долгот на државата не е 400 милиони евра туку тој е двојно поголем, тврдат стопанствениците откако Владата пред два дена обелодени дека се откриени куп фактури, криени по фиоки, кои меѓу другото покажуваат дека државните институции должат 23 милиони евра за струја, 15 мил евра за вода, за смет и канализација. Претходната Влада со години беше кредитирана од стопанството и граѓаните, но долгот кон стопанството според Зоран Витанов уште ќе расте.

„Да не се изненади премиерот иако тоа му е сигурно познато, апелирам, брзо да ги расчепка долговите на јавните претпријатија и општините, уште 400 милиони евра лежат таму“, вели Зоран Витанов од Асоцијацијата на менаџери.

За да се вратат натрупаните долгови, а за кои претходната Влада тврдеше дека навремено ги сервисира, и за да почне сериозен развој на малите и средни фирми, не треба ниту популизам ниту задолжување, вели Витанов доволно е да се реши проблемот со 100.000 вработени во администрација.

„Веднаш нека им се заблагодари и нека ги префрли во малите фирми, па наместо да им дава плата, ќе ги поддржи фирмите а тие луѓе конечно ќе почнат да работат. Еден што работи заменува 10 и ќе тргне економијата, зашто малите фирми ги плаќаат тие луѓе а тоа се непродуктивни трошоци“, тврди Витанов.

Од таму, според економистите, добар е потегот на Владата со ребалансот да издвои 2 милиони евра како поддршка на домашните компании и гринфилд инвестиции, но тоа е доволно само за старт, вели професорот Веланд Рамадани.

„Имајќи предвид дека секој ден се откриваат огромни суми на скриени долгови и имајќи предвид дека овој буџет е „наследен„ од претходната влада, сигурно дека не е доволно.Многу брзо нема да има видни резултати,туку во текот во наредната година како резултат на предвидени системски мерки и зголемен буџет за поддршка на домашните претпријатија и економијата воопшто.Вистинското раздвижување на економијата допрва ќе следи, поради фактот што најголемиот дел од овогодишните мерки и напори ќе бидат ориентирани во санирање на штетите од „недомаќинското„ работење на претходната власт“, вели професорот Рамадани.

Според проекциите во предлог ребалансот, Владата планира дома да се задолжи 340 милиони евра а во странство 300 милиони евра што ќе зависи од висината на каматните стапки, можноста домашното задолжување да ги задоволи финансиските потреби како и од реализацијата на приходите и расходите. Основна заложба на владата ќе биде зголемување на рочноста на издадените хартии од вредност.

Виолета З. Стојановска

Веста е прочитана 2332 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.