Скопски пари за чистење мраз одат на две адреси во Шишево

11 January, 2017 - 21:06

Веќе 39 години работи во Комунална хигиена, наредната година Иљми Исмаил треба да замине во пензија. Неуморно со лопатата кршеше мраз на раскрсницата во центарот на Скопје. На минус 15 и по некоја солза во окото му капнуваше од студот.

Но имаше премногу мраз, а граѓаните беа незадоволни. И кршачот на мраз ги оправдуваше.

Но колку всушност се издвојуваат пари за чистење на снег. Сите општини заедно над 2 милиона евра за вонредни тендери, а најмногу се троши во Скопје и скопските општини.

Ноќе е уште поладно и уште поризично. Главните улици и булевари таканаречени градски исчистени. На студот прошетавме со советникот Зоран Шапуриќ и тој исто така како и граѓаните вели не доволно расчистено, ниту пак има доволно механизација. А не е удрена лопата ниту пред многу дуќани, продавници, банкарски експозитури.

Центарот за граѓански комуникации направи анализа колку се троши за расчистување на зимските проблеми и сумата на вонредни трошоци достигна до 5,2 милиони евра. Тоа се дополнителните пари кои се издвојуваат покрај редовните средства за комунални претпријатија. На тендери се бара и набавува под три ставки: приватна механизација за расчистување, да се купи сопствена механизација и третото, се набавува сол и ризла за фрлање. Најмногу троши  Македонија пат, речиси три милиони евра, а општините трошат вкупно два милиони и 300.000 евра.

Скопје е рекордер, градот и десете општини издвојуваат на годишно ниво 876 илјади евра за вонредни зимски трошоци- покажала анализата на Центарот за граѓански комуникации. Најмногу троши градот Скопје речиси половина од евој буџет или 406 илјади евра, а десетте општини малку повеќе или вкупно 470 илјади евра. Некои трошат за приватни фирми, некои само за ризла и сол, но сите трошат. Проверката на системот за јавни набавки покажа дека најмногу пари од скопските тендери за зимско одржување одат во едно мало село- Шишево. Таму адреси имаат две фирми Аполо Инжинеринг и Аризон Драшко кои добиле 5 тендери од вкупно 11 скопски. Аполо е избран од град Скопје за веќе спомнатите 406 илјади евра. Аризон го избрале вкупно 4 скопски општини (Центар, Карпош, Кисела Вода и Ѓорче Петров) за вкупно 218 илјади евра. На крај градските улици беа проодни за сообраќај, ама не и за пешаци додека општинските беа замрзнати и предизвикуваа револт кај граѓаните.

На некои студот им донесе проблеми со струја, на некои во зградите во Ново Лисиче и недостиг на вода. Цел понеделник немаа вода.

Но не само Скопје, градови како Куманово, Битола, Штип имаа проблеми со снегот. Куманово каде овие момчиња искористија да се фрлат на суво и да испливаат трка во снег имаше сериозни проблеми, а издвојува и сериозни пари за чистење, покажува анализата на ЦГК. По Скопје, Куманово издвојува најмногу 245 илјади евра за одржување, потоа следува Прилеп со 201 илјада евра, па Тетово 130 илјади евра. Гостивар троши 96 илјади евра, Битола 93 илјади евра, Кичево 81 илјада евра, Крива Паланка 63 илјади евра, Македонска Каменица 43 и пол илјади евра. Но има и 34 општини кои не потрошиле ниту евро за сол и ризла или за механизација, па не е познато како чистат за своите граѓани. Тука спаѓаат и општините Штип и Струмица. Анализите во центарот покажале и дека кога парите ќе се соберат излегува голема разлика во трошоци. Така скопскиот плански регион издвојува најмногу, а најмалку за снег трошат општини на југ во југоистоичниот регион.

И навистина пресметките покажуваат дека во скопскиот регион се трошат речиси милион евра, потоа следуваат пелагонискиот и североисточниот кумановски регион кои трошат помалку од главниот град со околината. Полошкиот со Тетово и Гостивар е близу до 290 илјади евра годишно, па потоа следуваат Југозападниот каде најмногу потрошило Кичево, а тука се и градовите Охрид и Струга. Источниот штипски регион фрлил ризла и ангажирал фирми за чистење за 124 илјади евра иако Штип не потрошил ништо Најмалку трошеле Вардарскиот регион со 43 илјади евра и Југоисточниот каде само Радовиш потрошил 3 илјади евра, а поголемите Струмица и Гевгелија не потрошиле ништо. И ова се оние дополнителни трошоци. Најголемиот проблем е како да се провери дали парите се потрошени за вистинска намена.

На крај завршуваме во населбата над стаклара, во Скопје. Едвај се пробивме до горе. Бабички со стапови претходно се спуштија до исчистениот булевар Борис Трајковски, да се пожалат дека е лошо и за стари, и за деца и за болни..

Општинските власти кои ги контактиравме велат дека го исчистиле и овој пат за над стаклара. Всушност сите општини велат дека успеале да се справат со зимата. Некои градоначалници пак го искористиле и интернетот да кажат дека сработиле нешто. Сокол Митровски од Ѓорче Петров на општинскиот сајт е опишан како генерал, навистина е пензиониран генерал, по чие будно око администрацијата го исчистила општинскиот свој двор. Велешкиот пак Славко Чадиев преку фејсбук страната на општината извести дека помогнал на измрзната жена и се пофали дека полицијата прво него го викнала да дојде да интервенира, наместо полицајците да се јават на итна помош и да ја сместат во болница. Но се е во игра, локалните избори се напролет, а многу градоначалници се плашат да не бидат излизгани од веќе лизнатите граѓани.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 885 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.