СЈО влезе во МПМ

17 February, 2017 - 15:59

Двајца истражители на СЈО утрово биле во дирекцијата на МПМ. Повеќе вработени во фирмата потврдија дека ги виделе истражителите како се претставуваат и заминуваат во просториите на дирекцијата на вториот кат во трговскиот центар Зебра. Но чуварот и секретарката во дирекцијата на МПМ не зборуваа на таа тема, а секретарката ни соопшти дека не може ништо да кажат. И од СЈО ниту потврдуваат ниту демантираат дека се води предистражна постапка за издавачот на весници кој до скоро беше во сопственост на компании на Орце Камчев, Срѓан Керим и Јана Станисављева. Фирмите на Камчев и на Станисављева се повлекоа од МПМ во декември и во февруари, па единствен сопственик сега е компанијата на Срѓан Керим. 

Лани во август Орце Камчев беше повикан во СЈО да даде изјава.

Еден месец подоцна во истрагата Трезор за злоупотреба при набавка на софтвер во тајната полиција УБК, СЈО соопшти како се движеле парите од основачкиот влог на фирмата Финзи, чиј управител Коста Крпач беше најден мртов и застрелан во својот дом, а јавното обвинителство го прогласи случајот за самоубиство.

Од специјалното обвинителство не соопштуваат дали актуелната денешна посета на нивните истражители е поврзана со овие случаи или пак се истражува финансиското работење на оваа издавачка куќа. Додека истражителите беа внатре, новинарите вработени во весниците на МПМ, Дневник, Вест и Утрински Весник излегоа на штрајк. Велат не знаат како се поклопиле работите, а штрајкот доаѓа со барање да им се исплатат заостанатите плати. Во раководството на фирмата досега не ги контактирале да им кажат како ќе се надминат финансиските проблеми во МПМ. И новинарите-штрајкувачи ги читаат соопштенијата на сопствениците на МПМ, кои објаснуваат дека излегле од сопственоста, како што е компанијата Орка Холдинг.  

Подршка за колегите стигна и од новинарскиот синдикат и од ЗНМ.

Штрајкот ќе продолжи се до исполнување на барањата на неисплатените новинари. Денеска тие 4 часа штрајкуваа, асвоите компјутери ги изгаснаа во 10 часот претпладне.

 

Миомир Серафиновиќ

 

Веста е прочитана 3002 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.