Шулц уверен дека може да ја замени Меркел на функцијата канцелар на Германија

13 August, 2017 - 16:01

Шулц за германската телевизија Зе-Де-Еф истакна дека остануваат уште шест недели до изборите на 24 септември.
„Сметам дека се уште имам добри шанси да ја предводам следната влада“, рече тој.
Германија има рекодно ниска невработеност, балансиран буџет и силна економија, така што Шулц треба да води тешка битка за да ја победи Меркел. Во телевизиското интервју тој беше предизвикан да се изјасни зошто луѓето би гласале за неговата Германска социјал демократка партија, а не за Демохристијанската унија на Меркел.
„На Германија и оди добро...но тоа што на Германија и оди добро, не значи дека на сите Германци им оди добро. Ние треба да бидеме многу подобри во повеќе области“ рече Шулц.
Тој потенцира дека неговите социјалдемократи се коалициски партнер на Меркел во Владата и заслугите за успесите не би требало да се препишуваат исклучиво на нејзината партија.
Шулц нагласи дека се радува дека ќе се состави т.н. голема коалиција по изборите, но под негово раководство.
Според него неопходни се повеќе инвестиции во инфраструктурата, програми за обучување и помош за семејствата со ниски примања.
Според денеска објавеното истражување на социолошката агенција „Емнид“ за весникот „Билд“ социјалдемократите ја зголемиле поддршката со еден поен на 24 проценти, а поддршката за конзервативците на Меркел останува непроменета и изнесува 38 отсто.
Шулц упати критики до германската автомобилска индустрија по скандалот со фалсификувани емисии за дизел горива, при што напомена дека „високо платените менаџери на „Фолксваген“, „Дајмлер“ ја пропуштиле иднината, со тоа што не инвестирале порано во алтернативните технологии“.
„Неодговорните менаџери во автомобилската индустрија би требало да ја преземат одговорноста“, додаде Шулц

Веста е прочитана 815 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.