Се вжештува трката за вицегувернерската позиција

12 June, 2017 - 16:01

Се вжештува трката околу вицегувернерската позиција во Народна банка. Кој ќе биде најблизок соработкник на гувернерот Богов и чиј збор ќе се слуша при креирањето на монетарната политика, ќе зависи од волјата на парламентарното мнозинство. Вицегувернерот се бира на предлог на првиот човек на централната банка, но неговиот кадар нема да може да се именува, доколку не биде прифатлив за новата власт.

Во НБМ во тек е пријавување кандидати на распишаниот оглас, со наведени услови што тие треба да ги исполнуваат. Треба да заврши за една недела. Во НБМ има тројца вицегувернери, меѓу кои и Анита Бежовска-Ангеловска, чии седумгодишен мандат истекува на 26 јули, што значи дотогаш мора да биде избран новиот кадар на оваа позиција.   

Таа има право на реизбор, и во бизнис кругови се зборува дека токму Бежовска ќе биде предлогот на Богов, кој ќе се достави до Собранието.

Анита Бежовска за Телма потврдува дека веќе се кандидирала, односно поднела документација на распишаниот оглас. 

Петре Шилегов кусо ни изјави дека сега не сакаат да шпекулираат кога нема конкретен предлог, а кога тој ќе стигне, парламентарното мнозинство ќе одлучи како ќе гласа.

Богов за Телма вели дека ќе се консултира со партиите, пред да го достави предлогот.

„Ќе го изберам најдобриот кандидат за позицијата вицегувернер на Народната Банка. Имајќи предвид дека на предлог на гувернерот, Собранието на Република Македонија го избира вицегувернерот, пред доставување на мојот предлог ќе извршам консултации со координаторите на пратеничките групи. Уверен сум дека ќе постигнеме широк консензус за најдобриот кандидат кој треба да биде личност со врвна професионална кариера, висок интегритет и репутација во домашни и меѓународни рамки“, вели гувернерот Богов.

Покрај Бежовска, во јавноста кружат и други имиња, меѓу кои и истакнат економист од редовите на сега владејачката партија, кому му било понудено да се кандидира, но тој одбил, давајќи свои аргументи зошто не сака да соработува со сегашниот гувернер.

Клучна задача на монетарната политика е да обезбедува стабилност на цените и на девизниот курс. НБМ во целиот изминат период е децидна дека курсот останува фиксен и нема да дозволи негова промена, иако одредени економисти заговараа дека така би се обезбедил повисок економски раст.   

Маја Кадиевска Војновска и Фадил Бајрами се другите двајца вицегувернери во тимот на Богов.

На сегашниот гувернер, пак, седумгодишниот мандат му трае до март, идната година. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 2693 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.