Се симнува превезот на тајноста, сите ќе знааат колку државни пари добиле странските фирми

30 August, 2017 - 15:59

Се симнува превезот на тајноста врз буџетските пари кои им беа давани на странските компании за тие да се привлечат да инвестираат и да работат во Македонија. Владата на вчерашната седница пресекла дека тие информацииу на никој начин не можат да ја загрозат безбедноста на државата, па целата јавност ќе има увид колку странските инвестиотори со години наназад ја чинеле државната каса. За седум дена ќе се знае кои државни институции склучувале договори за државна помош, колку такви договори се склучени и кој ги класифицирал како информации недостапни за јавноста. Листата треба да ја изготви владиниот Генерален секретаријат. Договорите главно ги класифицирала Владата, некогаш Агенцијата за странски инвестиции и Дирекцијата за ТИРЗ, а можно е и други државни органи. Тие институции што класифицирале, сега ќе имаат право да ги декласифицираат договорите, без разлика што сега се сменети нивните први луѓе.

Податоците, пак, до кои Владата ќе дојде откако ќе ги отвори договорите, ќе бидат појдовна основа за новите мерки кои веќе ги најави, а кои се на линија дека секој странски инвеститор ќе добива државна помош онолку колку што ќе соработува со домашните фирми или ќе креира нови работни места.

Експертите сметаат дека владината одлука е правилна, трошењето на јавните пари мора да се стави на увид на јавноста, мора да се вреднува колкава е користа од работењето на странските фирми овде, како што се исплатените плати на работниците, во однос на државната помош што ја добиваа, меѓу која и ослободувањето од даноци.

„Ние не треба да им бидеме доброчинители на странските компании, бидејќи тие работат за профит. Трошоците за нивно поканување, создавање услови за работа и стимулации за вработување се веќе направени, но мора да се знае колку изнесувале, бидејќи тоа се јавни пари, на граѓаните. Белгиската компанија сама кажа дека државата и дала 17 милиони евра, а овде тоа се криеше како змија нозете“, вели Павле Гацов.

Мотивите зошто се криеле овие информации, вели тој, не се разбирливи, но кога некој нешто крие, причините се лукративни. Тие ќе се дознаат откако ќе се направи кост бенефит анализата.

Како ќе реагираат странските компании откако ќе се дознае колку пари зеле од македонскиот буџет и дали се можни тужби, Гацов вели дека зависи од договорите. Владата мора да биде внимателна.

„Може да има такви заштитни клаузули кои ќе предизвикаат одредени санкции. Затоа треба да се оди внимателно и чекор по чекор и во овие неколку дена да се проверат тие клаузули, и таму каде што има опасност, да се внимава“, вели Гацов.

Засега нема одговор како би реагирал Советот на странски инвеститори во рамки на Стопанската комора на Македонија.

Досега беа направени повеќе анализи, но новинарите и членовите на невладиниот сектор наидуваа на затворени врати за странските компании. Истражувањето на Призма, на пример, покажа дека државна помош добиле 26 странски компании, но нивните суми останаа тајна за граѓаните. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 5777 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.