Се расипаа камионите на „Македонија пат“

6 January, 2017 - 16:18

Честите  дефекти на старата и дотраена механизација на  „Македонија пат“,  во текот на ноќта ја отежнувале работата и чистењето на патиштата во југозападниот дел од државата што е во надлежност на битолската подружница. Откако се расипале возилата кои го расчистувале патниот правец кон граничниот премин Ќафасан кон соседна Албанија, механизацијата била пренасочена кон овој дел од регинот, но затоа пак, се доцнело со расчистување на неколку приоритетни патишта во битолскиот дел. Застој имше на патот од Битола за Ресен на превојот Ѓавато, како и на патот за Пелистер и ски центарот во Нижеполе. Но, од Македонија пат тврдат дека во моментот проодни се  сите патишта од прв и втор приоритет во југозападниот дел од државата.

„Имавме проблем вчера, со дефект на возилата. Имавме дефект на граничниот  премин Ќафасан, заради што моравме да повлечеме возила од Битола преку Кичево на Ќафасан, со што овие патни правци останаа навремено неисчистени“, изјави Веселинчо Спасевски, ракводител на ЈП „Македонија пат“ - Битола. 

И камионот кој утрово го чистеше патот  за Пелистер имал проблеми да се искачи по подмрзнатите угорнини.  Поради ова,  расчистувањето одеше бавно, а поголем број битолчани кои на првиот ден од ски сезоната  се упатија  до ски центарот Копанки , неколку часа останаа заглавени во своите возила. Македонија пат попладнево го расчистуваше и патот кон ски центарот во Ниже поле.

„Патниот пат према Пелистер го презедовме ние како Македонија пат. Нашето возило го исчисти без проблем до Детското одморалиште. Но,   од хотелот Молика го  имаа испратено ратрак возило кој само го натапка снегот и нашето возило заглави. Сега е исчитено до детското одморалиште и нешто потаму“, изјави Спасевски. 

Од Јавното претпријатие Нискоградба во Битола, задолжено за одржување на улиците во градот, велат дека  сообраќајниците од прв и втор приоритет се чистат непрекинато, а расчистени се и приодите кон сите 54 битолски села. Од таму велат дека поголем проблем ќе бидат ниските температури  што се очекува во текот на ноќта  да паднат до -20 степени. 

Емилија Мисирлиевска

Веста е прочитана 13342 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.