Се криел во стан на 100-на метри од полициска станица-детали од апсењето на Југ

21 September, 2017 - 13:12

Во центарот на Куманово, во стан рано утрово е уапсен 47-годишниот Игор Југ, соомничен за насилство на 27-ми април при упадот во Собранието. Полицијата го бара речиси 5 месеци, а на осомничениот уште во мај му е определен и притвор. Од кумановската полициска станица тој треба да биде префрлен во затворот во Шутка.

Југ е уапсен во станот на неговиот починат татко, кој се наоѓа во зграда на кумановскиот плоштад на стотина метри од полициската станица. Таму според информациите на полицијата Југ се криел десетина денови, однсоно во тој период почнал да го користи. По дознавањето на локацијата на засолништето, полицијата почнала да го набљудува местото.

Апсењето по потерницата е изведено рано утрово, кога полицајци од СВР Куманово упаднале во станот и го уапсиле Игор Југ, а тој воопшто не давал отпор. Апсењето било изведено бргу и без многу врева, па не било регистрирано ниту од соседите во зградата. Приведениот е префрлен во кумановската полициска станица.

Југ е осомничен за учество во насилствата на 27-ми април. МВР по апсењето го издаде соопштението во кое наведува дека покрај за собранискиот упад, за Југ имало распишано уште две потерници за дела извршени во Скопје, за една тепачка и за разбојништво.

Југ е водач на здружението Владо Черноземски, со кое беше дел од патриотскиот фронт. Фронтот беше активен учесник во протестите кои кулминираа со упадот во Собранието на 27-ми април кога пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски и Сашо Василевски ги отворија вратите пред демонстрантите.

Токму преку таа врата Југ влегува во Собранието и се упатува во собраниската прес сала каде беа претепани и повредени пратеници, новинари и обезбедување. Останатите насилници скриени со фантомки влегоа од задниот влез во Собранието. Југ беше забележлив во Собранието затоа што носеше црна маица со симбол на про-усташката организација ХОС. Беше забележан како подолго време ја држи раката на грбот под маицата по што јавноста се прашуваше дали бил вооружен со огнено оружје. Југ беше посочен и од српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ (бил во Собранието за време на инцидентите) во неговото прво интервју, дека Кумановецот требало да го застрела Заев во прес салата, но преку фејсбук Југ одговори дека доколку имал таква цел ќе го сторел тоа. Пораката ја пишал од своето засолниште во центарот на Куманово. Југ е осомничен од скопското јавно обвинителство, но во меѓувреме истрагата за организацијата на крвавите собраниски настани од 27-ми април ја презеде и обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

 Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 16872 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.